Вардар ја одбрани и третата титула сезонава. По 13.пат во историјата на клубот вардарци го подигнаа победничкиот пехар во Купот на Македонија. Во финалето на завршниот турнир во Битола, Вардар го победи Металург со 30-26 и ја задржа доминацијата што трае во континуитет во последните пет години. Претходно, „црвено-црните“ ги одбранија и титулите во СЕХА лигата и во македонскиот шампионат и до крајот на сезоната им останува уште четвртатат и најважна на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.
Металург останува на петте Куп титули освоени во „златниот период“ за клубот од Автокоманда од 2006 до 2013.
„Металурзи“ влегоа максимално мотивирано во дуелот со вечниот ривал кој во ова финале настапи без првиот голман, Арпад Штербик и на стартот, по малку резервирано без да форсира силно темпо. Избраниците на Александар Јовиќ, пак настојуваа да ја искористат максимално секоја шанса и ако ништо друго, да го поправат впечатокот по катастрофалниот пораз од Вардар со 19 гола разлика во првиот дуел од годинашниот плеј-оф.
Во поголем дел од првото полувреме, Металург успешно држеше чекор и минимална предност. Со третиот погодок на Халил Јагањац во 9.минута „металурзи“ поведоа со 3-5. Јовиќ во овој период играше со двајца пикери во напад и тоа им донесе позитивен резултат.
Но, неколку грешки и загубени топки беа доволно за Вардар да се врати во позитива (7-6). Одговорот на другата страна дојде од капитенот Филип Кузмановски имаше свои минути на теренот, постигна три гола во серија и Металург одново беше во минимално водство (7-8). И така беше до 20.минута од натпреварот кога Мартин Велковски погоди за 8-9. Вардарци „нагазија“ во финишот и ја презедоа инциијативата. Игор Карачиќ го поведе нападот, Вардар направи серија од 3-0 и поведе со 11-9, а со два гола предност „црвено-црните“ заминаа и на одмор (14-12).
Во второто полувреме, Раул Гонзалес стартуваше со стандардните ротации на бековската линија на која Борозан, Циндриќ и Македа ги заменија Канељас, Карачиќ и Криштопанс. Вардарци брзо постигнаа два гола од кој вториот го реализираше голманот Страхиња Милиќ за прво водство со +4 (16-12).
Ризикот во играта на Металург со седум во напад, му отвори шанса на Вардар со концентрирана игра во одбраната да дојде во позиција и да реализира неколку гола во празниот гол на противникот. Тимур Дибиров еднаш беше прецизен од далечина, а веднаш потоа и од контра и го зголеми водство на Вардар на 22-16 по десет минути игра во втториот дел.
Дибиров беше прецизен и на стартот од последната четвртина, а Вардар веќе имаше сигурни седум гола предност (25-18). Но, „металурзи“ не се предаваа до крај, го искористија невниманието и грешките на вардарци и со серија од 3-0 намалија на 27-23 на десетина минути пред крај. Одбраните на Мартин Томовски и добрата игра во дефанзивата на Металург донесоа дополнителна динамика во финишот, но сепак, Вардар имаше сигурна предност и доволно искуство да ја задржи позитивата до крај и да запише уште една победа за одбрана на титулата во Купот на Македонија.
Во победата за нова титула на Вардар најефикасен беше Тимур Дибиров со седум гола, а по четири запишаа Лука Циндриќ, Игор Карачиќ и Данил Шишкарев . Кај Металург нападот го предводеа Филип Кузмановски и Халил Јагањац со по седум гола, а уште една добра патија на голот имаше Мартин Томовски со 13 одбрани.
До крајот на сезоната Вардар го очекува настапот на Ф4 турнирот од ЛШ во Келн на 26 и 27 мај и потоа, формално последниот дуел со Металург во суперлигашкиот плеј-оф на 3 јуни во Автокоманда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА