Работнички го одбрани својот дом „Градски парк“ во првиот меч од финалната серија против МЗТ Скопје Аеродром во битката за шампионската титула во кошаркарскиот плеј-оф. Избраниците на Марин Докузовски беа поконцентрирани во завршницата, искористија дел од грешките на „металците“ во решавачките мигови и стигнаа до триумф од 86-77, поведувајќи со 1-0 во серијата до три победи. Вториот меч од финалето ќе биде в среда, во салата „Јане Сандански“.
Иако играа без Димитар Мираковски, кој го повреди бутниот мускул во 19.минута, во третиот и четвртиот период, кошаркарите на Работнички покажаа голем дел од својот репертоар, со кој и ја обезбедија најдобрата стартна позиција за плејофот. На крајот, победата е сосема заслужена.
МЗТ Скопје Аеродром го доби првиот период со 23-26 и во тој период одлично функционираше шутот за три поени кај „металците“. На овој меч не настапи Марко Симоновски, но Дамјан Стојановски потсети дека во себе има ‘тешка артилерија’. Возврати Мираковски, но тој се повреди пред одморот, на кој се замина без предност (42-42).
„Металците“ со предност од четири поени (61-65) влегоа во последната четвртина, но не го издржаа притисокот во Градски парк. Работнички одигра маестрално кога беше најпотребно, цврсто во одбраната, а им тргна на „центарци“ и во нападот, посебно откако тимот на МЗТ Скопје направи неколку непотребни и несфатливи грешки.
Чавдар Костов постигна 21 поени, а Расел Робинсон беше стрелец на 18 поени во победничкиот тим на Работнички. Кај МЗТ Скопје Аеродром, Дамјан Стојановски и Јуре Лалиќ уфрлија по 18 кошеви.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА