СЕДМЕРЕЦ: Жените се голем трошок!

Екипа

А, ние се чудиме зошто ни пропаѓаат шампионките…

1.Последното „збогум“

Вардарки со домашната двојна круна го кажаа последното збогум и се простија со оние малубројните најверни навивачи кои ги испратија од „Јане Сандански“.  Некои подолго, некои пократко беа дел од „црвено-црното“ семејство, но сите емотивно си замнуваат од Скопје и од Македонија.

Со гордост за сработеното и со жал за пропуштеното, посебно во оние последни две финалиња од ЛШ во Будимпешта. И, можеби, со по малку горчина за начинот на кој заврши трендот на „црвено-црното“ Ферари и целата приказна за ѕвездениот Вардар.

Управата по шест години, реши да го распушти тимот и да стави крај на шампионскиот проект на ЖРК Вардар.

Газдата откри дека „жените биле голем трошок“ за буџетот! И се реши од нив, за да „се спасат мажите“.

А, не така одамна, по нив одеа и приватни летови за да дојдат во Скопје. Ама, изгледа се менуваат времињата.

И буџетот, евидентно!

2. Зошто пропаѓаат шампионите?

Збогувањето на вардарки, викендов случајно се погоди со споменот на кометалки и 16-годишнината од првата и во женска конкуренција, единствена европска титула за Македонија.

Вардар беше блиску, а на крај сепак, далеку од успехот на Кометал ЃП од пред деценија и пол. Кометалки и понатаму остануваат едни единствени и недостижни. Спомен на шампионскиот 19 мај, што не се повтори никогаш повеќе.

Догодина, за жал, и мај во Будимпешта ќе биде само „годишнина од европските финалиња на вардарки“.На европската мапа, Кометал ЃП одамна го нема, а сега ќе го нема ни Вардар.

Приказната на Кометал ЃП траеше 18 години, донесе европска титула и остави силна трага во македонскиот ракомет. Приказната на ЖРК Вардар траеше шест години и остава празнина.

И, повторно се е на почеток…

3.Чекајќи го Келн

Во оној, машкиот дел од македонската ракометна приказна, Вардар уште еднаш прошета низ Битола, а Столе Стоилов крена уште еден пехар за загревање пред Келн. Без посериозна конкуренција, вардарци очекувано и релативно лесно стигнаа до 13-та титула во Купот на Македонија.

Опуштено надмоќно делуваа момците на Раул Гонзалес во последната „домашна задача“ пред викендот во Келн. Велат, нема притисок, само позитивни мисли насочени кон Келн и дуелот со Монпелје.

Битолскиот викенд беше само загревање за следниот во Келн. Годинава по многу нешта посебен.

Вардар последен пат под водство на „ел команданте“, ќе ја брани титулата на германски терен во француско опкружување. На другата страна се традицијата на Монпелје кој полека но сигурно се враќа на старата слава, милионите и ѕвездите на ПСЖ и аутсајдерски растоварениот Нант со Кире Лазаров.

Никој досега не успеал да ја одбрани титулата во Келн. Вардар ќе се обиде да ја смени традицијата.

Велат, за се има прв пат, па и за шампионите. Впрочем, годинава Ѓер веќе го скрши малерот на шампионите на Ф4, за жал, врз грбот на ЖРК Вардар.

А, ако може преполовен Ѓер – може и се уште, цел Вардар. Ако може Амброс Мартин – може и Раул Гонзалес! За шпански тренерски престиж на врвот на Европа.

Вардар лани беше аутсајдер, среќен што ќе го види Келн. Годинава „црвено-црните“ веќе се на познат терен, го знаат и патот до подиумот. А, и Столе веќе е навежбан со пехарите.

Шансата е сега, догодина кој знае што ќе биде…Оти, не се само жените „мака“ за буџетот.

Се вчитува...