МЗТ Скопје: Не сме малодушни како Работнички, салата е отворена за сите

Серијата соопштенија на двата финалисти во кошаркарскиот плејоф продолжува и во текот на денешниот ден. МЗТ Скопје обелодени дека не планира да го следи примерот на Работнички, па салата „Јане Сандански“ на мечот в среда ќе биде отворена за навивачите на двата тима, а не само за домашните фанови како што тоа беше случај со вчерашниот дуел во „Градски парк“.

Соопштението на МЗТ Скопје го пренесуваме во целост:

Управата на МЗТ Скопје Аеродром би сакала да ја извести спортска јавност кај нас дека останува доследна на своите заложби за промоција на вечното дерби како вистински празник на кошарката и спектакл кој долго ќе се памети, поради што реши да не го следи грдиот пример на противникот и дозволи присуство и на гостински навивачи на вториот финален меч против Работнички, кој задутре (среда) ќе се одигра во салата „Јане Сандански“.

За разлика од тимот од Центар, не сакаме и нема да дозволиме да се уништи финалето кое сите фанови се нетрпение го очекуваа како кулминација на деветмесечната исцрпувачка сезона. Затоа, ги каниме сите навивачи, без разлика на клупската припадност, како и сите спортски вљубеници и кошаркарски фанатици да дојдат на трибините и да го бодрат тимот кој им е во срцето или, пак, само да уживаат во мајсториите на финалистите. Не сме малодушни како противникот и не сакаме победникот да биде решен со сплеткарење туку со витешка борба на теренот, па нека победи подобриот. А, игрите надвор од теренот му ги оставаме на Работнички.

Одлуката да го направиме вториот меч од финалната серија достапен за сите, па дури и за навивачите на противникот, ја донесовме во консултација и разговори со навивачката група „Фемили“. Таа е нераскинлив дел од МЗТ Скопје и беше директно засегната од неџентлменскиот потег на центарци да ѝ забранат присуство во „Градски парк“ на вчерашниот прв дуел, поради што не сакавме да ја изоставиме од процесот на решавање. Се покажа дека размислувањата ни се идентични како што ни е иста бојата на крвта – сино-бела. И нејзините членови се на мислење дека без разлика на ниските игри на другата страна, вечното дерби е спектакл кој треба да го проследат сите што сакаат и тоа без етикетирање за кој клуб навиваат.

На неодамнешното вечно дерби од финишот од Суперлигата, покажавме дека може да се организира спектакл со присуство на две спротивставени навивачки групи, кој потоа од јавноста беше оценет со чиста десетка. Убедени сме дека и задутре (среда) ќе биде идентично и дека сите што ќе дојдат во Аеродром, па дури и тие што ќе бидат со обележја на Работнички, ќе се чувствуваат безбедно, ќе уживаат во случувањата на паркетот и потоа задоволни ќе си заминат дома.

Тоа всушност е и нашата најголема борба, финалниот дуел на најголемите ривали да биде спектакл кој ќе се памети и за кој со денови ќе се говори без разлика на тоа што ќе го пишува на семафорот по истекот на 40-тата минута.

И за крај, ја информираме јавноста дека билетите за вечното дерби се веќе во продажба и тоа по цена од 100 денари, а можат да се купат на билетарницата пред СЦ „Јане Сандански“ како и онлајн преку интернет-страницата http://ticketplus.mk/.

Се вчитува...