Гризман се премислува, Барса ќе остане без главното засилување

Барселона се наоѓа на пат повторно да остане без играчот што го планира за главно засилување, откако Антоан Гризман почнал сериозно да се премислува и сега е на став да остане во Атлетико Мадрид и да потпише нов мега-договор со тимот на Диего Симеоне. „Јорганџиите“ му понудиле на својот голгетер уште подобри услови од оние кои би ги добил со трансфер во Барселона, па Гризман сега планира да остане во Мадрид и да атакува на ЛШ со тимот со кој веќе загуби две финалиња.

Како што јавуваат мадридските медиуми, Гризман за својата одлука ја известил и управата на Атлетико пред мечот со Еибар во последното коло. Свирежите кои дел од навивачите ги упатија кон него го натерале Французинот повторно да размисли, но извори блиски до фудбалерот тврдат дека тој сепак ќе остане во Мадрид.

Барселона пред две години не доведе нов играч за врска убедена дека ќе успее да се договори со ПСЖ за Марко Верати. Минатата сезона приоритет беше Филип Кутињо, кој пристигна дури во јануари, но без право за настап во Лигата на шампионите. За летово планот што се коваше со месеци наназад беше со Гризман да се создаде напад од соништата, но како што стојат работите, каталонскиот гигант повторно ќе остане со празни раце и ќе мора да бара „план Б“.

Се вчитува...