Итудис добива „клоца“, Блат е најблиску до клупата на ЦСКА Москва

Фијаското на ЦСКА Москва на фајналфор турнирот во Белград најверојатно ќе значи и крај на авантурата на Димитрис Итудис како предводник на рускиот кошаркарски џин. Откако пред две години ја освои титулата во Евролигата, Итудис втора година по ред испаѓа уште во полуфиналето од Ф4, што е недозволиво за руските газди со оглед на фактот дека ЦСКА го има најголемиот буџет во Евролигата и оваа сезона.

Како што јавуваат бројни медиуми ширум Европа, одлуката за тренерска смена е веќе донесена, но истата ќе се случи по крајот на сезоната во рускиот шампионат, каде ЦСКА ја брани титулата.

Во игра за наследник на Итудис се неколку врвни стратез, а најголеми шанси му се даваат на Дејвид Блат. Трофејниот стратег има работено во Русија како тренер на неколку екипи, но и како селектор кој ја предводеше „зборнаја“ до европската титула во 2007 година. Тој сезонава се наоѓа на клупата на Дарушафака, за неговите услуги постои интерес и од неколку клубови од НБА-лигата, но Блат е подготвен сериозно да ја разгледа понудата на ЦСКА и да се врати назад во Русија, за нов атак на европскиот врв на кој веќе се искачи во 2014 година, како тренер на Макаби.

Се вчитува...