Во таборот на Пелистер се повеќе од свесни дека немаат многу адути во своите ракава со кои сериозно може да се надеваат на трофејот во утрешното финале од Купот на Македонија, но знаат битолчани дека веќе и нема што да загубат против големиот фаворит Шкендија…. А, може многу да добијат – излез во Европа.
„Не треба да нагласиме дека Шкендија е голем фаворит. Играме против убедливо најдобрата екипа во лигата, но може да најавиме дека нема утре да истрчаме со бело знаме во рацете. Не планираме предвремено предавање, но борба до самиот крај за титулата“ – истакна стратегот на Пелистер, Неџат Хусеин.
Слично е размислувањето и на офанзивецот Благојче Марковски…
„Тоа што може да го ветиме за нашите навивачи кои верувам во голем број ќе дојдат да не бодрат е максимален ангажман и борба до последниот атом. И, ако ни се пружи шанса против еден тим како Шкендија ќе се обидеме да ја искористиме за да го одбраниме трофејот“ – рече Марковски денеска во Струмица.
За Пелистер дополнително отежната ќе биде задачата и поради отсуството на Гоце Тодоровски и Филип Миленковски кои поради повреди ќе мора да го пропуштат утрешното финале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА