Навивачите на Наполи како да не беа доволно разочарани од загубената трка за скудетото, па згора на тоа лесно може да се случи да останат и без својот најголем миленик – Марек Хамшик. Капитенот на Наполи во минатото во неколку наврати одбиваше мегапонуди за да остане во Неапол, но според последните информации тој сериозно размислува да си замине од овој клуб.
Таткото на Хамшик за словачките медиуми обелодени дека неговиот син има понуди од неколку клубови од Кина, за и самиот Марек да обелодени дека заминувањето од Наполи е се пореална опција за него.
„Искрено верувавме дека годинава конечно ќе го освоиме скудетото, затоа сум многу разочаран што не успеавме. Најмногу од се ми е жал за навивачите, кои ја заслужија оваа титула. Дадов се што можев за овој тим, можеби е дојден моментот ова патување да заврши. Би сакал да пробам нешто ново“ – изјави Хамшик за чешкиот весник „Правда“, подгревајќи ги информациите за негова преселба на Далечниот Исток.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА