Македонската одбојкарска репрезентација го претрпе првиот пораз во групната фаза од Сребрената Европска лига. Нашите најдобри одбојкари загубија со максимални 3-0 во сетови на гостувањето кај Летонија во дуелот од второто коло. Летонскиот состав беше доминантен во текот на целиот меч во кој нашата селекција имаше водство само два пати, на стартот од третиот сет.
За успех во првиот сет Летонците направија серија од 7-1 по израмнувањето на 12-12, откако нашите одбојкари дојдоа до резултатски баланс по несигурниот почеток на мечот. Сепак Летонците експресно се одлепија и го добија сетот со 25-17. Во вториот сет беше уште потешко за нашиот тим бидејќи кај Летонија покрај успешниот напад профункционира и блокот и затоа овој сет го добија уште поубедливо со 25-16.
Македонската репрезентација беше нешто подобра на почетокот од третиот сет кога имаше и водство од 4-2, но брза беше реакцијата на летонскиот состав кој дојде до израмнување, а потоа веденаш успеа да се одлепи на високи 12-5, потоа и на 17-10, по што на нашиот тим му остана само да го поднамали неуспехот, со тоа што во завршниот сет освои 19 поени.
Репрезентацијата на Летонија се наметнува како сериозен претендент за учество на Ф4 турнирот во Скопје во средината од јуни, првопласирана е во нашата група со максимални 6 бода. Нашата селекција има 3 бода на втората позиција. Три бода сега има и Австрија откако денеска во дуелот од втората рунда го победи Косово со 3-0 во сетови. Австријците се нашиот следен противник, гостуваат во Скопје в недела.
Македонската репрезентација во групната фаза не се бори за пласман на завршниот турнир на четирите најдобри бидејки како домаќин има загарантирано учество.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА