Работнички води со 2-0 во финалната серија, но Марин Докузовски не дозволува еуфорија во својот тим свесен дека секое предвремено опуштање може експресно да биде казнето од страна на противникот.
„Голема победа, многу значајна за нас, но прво нешто што им го кажав на кошаркарите е дека уште ништо не сме освоиле и затоа нема простор за никаква еуфорија. Гледате дека двата меча се максимално неизвесни, решава една топка, така што мораме да одиграме максимално и на наредниот меч на наш терен“ – изјави Докузовски.
Тој е задоволен што овој дерби дуел донесе фантастична игра на двете страни и витешка борба буквално до последните секунди.
„Реално, навивачите можеа да уживаат во одлична кошарка, тоа е мојот впечаток. Двата тима играа максимално, на крајот ги стигна и заморот, но тоа е нормално со оглед на пеколниот распоред. Ме радува што правиме позитивна промоција на кошарката, иако според мене не треба да се игра вака згуснато, треба да минат неколку дена за да се дискутира за ваков меч, тренерите дополнително да подготват некои промени во таткиката… вака нема место за такви работи, туку експресно следи нова пресметка за два дена“ – истакнува стратегот на Работнички.
Тој откри и кои совети ги дал на своите играчи при последниот напад на МЗТ, кога противникот имаше предност од еден поен и топка.
„Целта ни беше да правиме фаул над секого освен над Дамјан, бидејќи тој е најдобар шутер на МЗТ. Ете, се случи да ја добиеме топката на подарок, но да не заборавиме дека претходно и ние му дадовме подарок на домаќинот, топка во раце кога имавме предност и напад, исто така во последната минута. Сето тоа е доказ колку неизвесен беше овој натпревар“ – вели Докузовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА