Бејл: Реал Мадрид знае како се победуваат финалиња

Реал Мадрид е подготвен за нова одбрана на титулата и трета европска круна во низа. Герет Бејл многу често беше критикуван во текот на сезоната, но по одличните игри во изминатите триесетина дена Велшанецот сериозно се наметнува кај Зинедин Зидан за улога на стартер на претстојното финале во Киев. Поранешниот ас на Тотенхем е убеден дека неговиот тим е поблизу до трофејот, пред се поради искуството што го има во играњето на вакви натпревари.

„Затоа дојдов во Реал, да играм големи натпревари, финалиња, да освојувам титули. Ако се навратам на првото финале, сега се чувствувам многу посмирено. Секако, и мене и на соиграчите ни е јасно дека ќе мораме да играме на највисоко ниво, но не чувствуваме притисок поради тоа. Сметам дека тоа ќе биде клучната разлика, искуството на играње на финалиња, бидејќи Реал Мадрид веќе покажа дека знае како се победува на овие натпревари“ – изјави Герет Бејл.

Останува да се види дали Зидан ќе се реши да му укаже доверба на Бејл како стартер, или неговото место во тимот ќе му припадне на Иско.

Се вчитува...