Можат ли одбојкарите да и се реваншираат на Австрија на гости?

Во таборот на македонската одбојкарска репрезентација се е подредено на завршниот турнир на четирите најдобри екипи во Сребрената Европска лига. Па затоа и претстојните три натпревари од групниот сегмент, првиот вечерва против Австрија (20.15 часот) во гости, треба да бидат во функција на подготoвките за Ф4-турнирот на кој ние не бркаме плaсман бидејќи сме домаќини на завршницата на 15 и на 16 јуни.

Селекторот Љубомир Травица веќе ја има формирано сликата за можностите на нашиот тим кој атакува на титулата, и вели дека по дуелите против Австрија и против Летонија, сликата ќе биде искристализирана.

„За мене е значајно во овие натпревари да ги скенирам играчите и да видам од кого што би можел да очекувам. Веќе речиси и имам јасна слика, а се многу појасно ќе биде по наредниве два меча. Добро е што се враќаат Ѓоргиев и Љафтов. Сега не само преку натпреварите, туку и преку тренинзите ќе се подготвуваме за Ф4-турнирот“  – вели селекторот, Љубомир Травица.

Македонската репрезентација по трите одиграни средби има биланс од една победа и два пораза. Со три бода е на третата позиција на табелата зад Летонија која има 9 и зад Австрија која собра 6 бода. Во претходното коло, нашиот тим загуби со 3-1 во сетови од Австријците во „Кале“.

Денеска во групата на македонската репрезентација ќе се сретнат и Косово и Летонија. Летонците се апсолутен фаворит на пресметката.

Се вчитува...