Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби од Шведска со 20-32, во претпоследниот натпревар од квалификациите за ЕП 2018 , што се одигра вечерва во СРЦ Кале во Скопје. Ова е втор пораз за македонските ракометарки од првиот фаворит во групата во овој квалификациски циклус. Швеѓанките беа подобри од Македонија и на првиот меч во Лунд (38-26), а фаворитската улога ја потврдија и во денешниот дуел во Скопје по кој се враќаат на првата позиција на табелата со обезбеден пласман на ЕП. До крајот на квалификациите на македонската репрезентација и преостанува уште дуелот со Србија на 3 јуни во Ниш, но без шанса за место на европскиот шампионат.
Уште на стартот на натпреварот во „Кале“ стана јасно каков е односот на силите и кој ќе го има главниот збор на паркетот. Швеѓанките брзо дојдоа до два гола предност и ја презедоа инцијативата во играта. Првиот погодок за Македонија го постигна капитенот Елена Ѓоргиевска во 5.минута.
Македонските ракометарки стартуваа несигурно и со преголем респект кон противникот, грешеа во нападот, недостасуваше сигурност и прецизност, а Шведска тоа знаеше да го казни и од минута во минута ја зголемуваше предноста. По првата четвртина, Македонија остана со само четири гола, а Швеѓанките веќе имаа +7 (4-11). Во првите 30 минути македонските ракометарки не искористија дури три седмерци, што дополнително и ја олесни работата на репрезентацијата на Шведска која на крајот од полувремето имаше сигурни девет гола позитива (7-16).
Второто полувреме, македонските ракометарки го почнаа многу посигурно и по првите седум минути успеаја да намалат на 11-18. Но, Швеѓанките брзо воспоставија контрола и во 40 минута прв пат додјоа на двоцифрена предност поведувајќи со 12-22.
Сигурната предност му овозможи на шведскиот селектор во последната четвртина да им даде поголема шанса и на ракометаркитеод клупата. Минутите на мало опуштање кај противникот макеоднските ракометарки го искористија со неколку погодоци во серија, но тоа сепак не беше доволно за да се загрози посериозно водството на Швеѓанките кои имаа целосна контрола на играта и на резултатот од почеток до крај и релативно лесно стигнаа планираните бодови во „Кале“ со кои го заверуваат пласманот на ЕП во Франција.
Најефикасни во македонската репрезентација беа Сара Ристовска и Моника Јаневска со по пет гола. Кај Шведска листата на стрелците ја предводеше Натали Хагман со шест погодоци.
Во вториот натпревар од нашата грува вечерва играат Фарски Острови и Србија. Шведска и Србија се на првите две позиции, Македонија е трета, а Фарски Острови се на последното место. Пласман на ЕП 2018 во Франција обезбедуваат првите две репрезентации од секоја група и најдобрата третопласирана селекција во квалификациите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА