Даниел Рикиардо на трката за ГН на Монако ја запиша втората победа сезонава и се изедначи со Луис Хамилтон и со Себастијан Фетел. Возачот на Ред Бул моментно е на третото место во генералниот пласман на возачи во годишниот шампионат во Формула 1 со 72 бода, 24 зад Фетел и 38 зад лидерот Хамилтон.
Но, иако вози добра сезона рамо до рамо со главните фаворити, Рикиардо се уште не се гледа себе си во бробата за освојување на шампионската титула.
„Се чини дека тоа е нормално прашање по триумфот во Монако. Луис има голема предност пред мене, така што тој е надвор од опасност. Не е невозможно, но не мислам дека сега можам да си поставам таква цел. Дури и да ја поставам, јас нема да го сменам начинот на возење“ – изјави Даниел Рикиардо.
Тој најави дека следната трка во Ф1 шампионатот, што ќе се вози во Монтреал, ќе биде интересна и можеби клучна во конечната разврска.
„Во Монтреал ќе биде интересно. Ќе се обидеме да запишеме уште некој подиум. Но, ќе треба да се докажеме барем на уште една трка и да постигнеме победа. Тогаш можеби би имале шанса“ – истакнува возачот на Ред Бул.
Следната трка ќе се вози на 10 јуни на патеката „Жил Вилнев“ во Канада, а по неа следуваат уште пет трки до летната пауза во Ф1 шампионатот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА