Ѓоковиќ: Враќањето на Серена е голема инспирација за сите нас

Серена Вилијамс е прво име во светскиот тенис иако Американката моментно е дури на 451.место на ВТА листата. По едногодишна пауза по раѓањето на ќерката Олимпија, Серена официјално се врати на теренот на турнирот во Индијан Велс. Денеска Серена повторно е во акција во второто коло на Ролан Гарос, против Австралијката Еслај Барти. На терените во Париз, Серена настапува во необичен црн „аутфит“.

За тоа каков статус ужива Серена во тенискиот свет најдобро говори најавата на моментно првиот светски рекет, Симона Халеп, дека ќе оди да го гледа мечот на најдобрата во светот.

Враќањето на 36-годишната Американка го поздрави и Новак Ѓоковиќ кој воопшто немаше дилема што да одговори на прашањето дали е полесно да се биде татко отколку мајка, посебно за родителите што се професионални спортисти.

„Па мислам дека е очигледно. Што се жените треба да поминат… Жалам момци, но на жените им е многу потешко. Затоа е уште поимпресивно кога ќе се вратат вака, а посебно Серена после се што постигна. Таа е најголема спортистка на сите времиња, продолжува да се враќа и да не импресионира сите нас. Таа го користи тенисот како средство за да прави добри работи. Се гледа колку го сака. Серена ги заслужува сите супрелативи“ – вели Новак Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер на својот инстаграм профил објави фотографија со ќерката на Серена најавувајќи дека таа ќе биде новата шампионка.

Серена е задоволна од своето враќање и од својот нов црн костим со кој настапува на терените на Ролан Гарос.

„Отсекогаш сум сакала да бидам суперхерој и ова е мој начин да бидам – суперхерој. Во него се чувствувам како воинствена принцеза. А, ми помага и за циркулацијата со огледа на тоа дека последнава година имав проблеми со згрутчување на крвта“ – вели Серена Вилијамс.

Се вчитува...