Феноменален меч на Леброн со 51 поен, но Кливленд поразен од Голден стејт! (ВИДЕО)

Голден стејт славеше по продолжение против Кливленд во првиот натпревар од големото финале во НБА лигата кое понуди голема драма, одлична кошарка и судир меѓу кошаркарите на крајот од мечот.

Кливленд имаше огромна шанса да стигне до брејк, но промашеното слободно фрлање на Џорџ Хил и неспретноста на Џеј ар Смит, за која долго ќе се зборува, ги чинеа победа.

На 4,7 секунди до крајот на регуларниот дел при 104-103 за Голден стејт досуден беше прекршок за Џорџ Хил. Искусниот плеј на Кливленд го погоди првото, а го промаши второто слободно фрлање. Неговото промашување го собра Џеј ар Смит кој место да оди на кош, веројатно мислејќи дека неговиот тим води, со топката се стрча кон центарот избегнувајќи прекршок на Вориорс.

Домашните секако не направија прекршок, а Кливленд во продолжението не се опорави од тој „луксуз“ на Џеј ар Смит. Па продолжението Голден стејт го доби со 20-10 и поведе во финалната серија.

Пред крајот на мечот нервозниот Тристан Томпсон се обиде физички да се пресметка со Дрејмонд Грин, по што следеа исклучувања на двете страни.

Стеф Кари со 29 поени, Кевин Дурант со 26 поени и Клеј Томпсон со 24 поени беа најдобри кај Голден стејт, а Леброн Џејмс одигра феноменален меч со 51 поен. Кевин Лав дополни со 21 поен.

Се вчитува...