Дојде време за разделба – Абрамович го продава Челси?

Рускиот бизнисмен Роман Абрамович е подготвен да го продаде Челси откако властите во Велика Британија одбија да му издадат виза за престој поради што тој го загуби правото за работа и за инвестирање во земјата.

Првиот потег што го направи Абрамович после тоа беше замрзнување на проектот за реконструкција на стадионот „Стемфорд бриџ“ во кој требаше да вложи 570 милиони евра. Лондонскиот клуб оваа одлука ја потврди на официјалниот сајт, а како причина  е наведена „неповолната клима за вложувања“ и запрени се сите планови  околу реконструкцијата.

Британските медиуми наведуваат дека рускиот бизнисмен е блиску до одлуката да го продаде клубот, а се споменува и цифра од најмалку 1,2 милијарди евра.

Абрамович го купи Челси во 2003 година за 160 милиони евра и за 15 години во клубот вложи 1,14 милијарди евра. Во ерата на рускиот газда, Челси освои пет титули првак на Англија, титула во Лигата на шампионите, пет трофеи во ФА Купот и  три трофеи во Лига Купот.

Се вчитува...