Ангажманот на Боро Даскаловски како квалитетен стратег што би бил дел од стручниот штаб на МЗТ Скопје сепак ќе остане само желба на поранешниот првак на Македонија. Разговорите меѓу МЗТ и Даскаловски во изминатиот период не вродија со плод, имаше опција тој да биде и шеф на стручниот штаб, но откако управата се реши да му укаже шанса на Кочов затворена е опцијата за соработка на овој квалитетен стручњак со клубот од скопската населба Аеродром.
„Точно е, постоеше понуда од МЗТ Скопје за соработка, но моите планови се поинакви. Сметам дека имам вложено многу во себе, имам почнато од најниските категории со минибаскет и стигнато до таму каде што сум моментно, па затоа и сега не би сакал да одам во тој правец“ – изјави Даскаловски, кој последниот ангажман го имаше како шеф на стручниот штаб на Карпош соколи, тим со кој имаше одлични резултати, но си поднесе оставка поради огромните финансиски проблеми.
Целта на МЗТ Скопје е јасна, крај Кочов да донесат уште еден квалитетен стручњак што би донел и искуство на клупата, но останува да се види кој ќе биде изборот на „сино-белите“, откако од Даскаловски дефинитивно добија негативен одговор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА