Дали да има намалување на бројот на странци, ако има, колкава да биде дозволената бројка странски играчи во прволигашките клубови? Како да изгледа најсилната домашна кошаркарска конкуренција и колку клубови да брои? На овие прашања, но и на сите отворени теми кои долго време ја мачат македонската кошарка, зборуваа дел од претставниците на клубовите, претставници на тренерската фела како и активни играчи на трибината која што ја организираше Македонската кошаркарска федерација.
МКФ ја прави оваа сондажа бидејќи планира до крајот од овој месец да излезе со конечен предлог околу бројот на странци во клубовите и околу бројот на екипи во Првата лига за следната сезона. Концептот кој што ќе го понуди МКФ ќе треба да помине на собрание кое би се одржало во текот на летото.
Според ставовите на учесниците на трибината, околу намалувањето на бројот на странци, јасно е дека би можело да биде постигнат своевиден консензус. Мислењата се различни околу тоа дали намалувањето треба да биде направено радикално или постепено. Дел од претставниците на екипите не се согласуваат со намалување на бројот на клубовите во прволигашката конкуренција, иако во текот на изминатата сезона стана јасно дека разликата во квалитетот меѓу екипите е огромна и поради тоа дел од натпреварите се далеку од посакуваниот квалитет.
„И да изгласаме решение да има „нула странци“ во клубовите, ако не работите во младинските категории никогаш ништо нема да направиме“ – им порача на сите, претседателот на МКФ, Петар Наумоски.
Токму работата во младинските категории кои треба да дадат нови, квалитетни македонски кошаркари, носители на овој спорт и на репрезентацијата кај нас е еден од суштинските проблеми. Квалитетот на тренинзите, стручноста на тренерскиот кадар, како и вниманието кое што им се посветува на младите играчи се горливи прашања поради кои на домашната сцена долг период имаме минимална продукција на нови играчи.
Од кошаркарската федерација најавуваат уште една трибина на овие теми по што МКФ ќе може да го сублимира вкупниот впечаток на сите релавантни чинители чие мислење е клучно за формирањето на стратегијата која во подолг период би требало да овозможи повисоко ниво на квалитет на македонската кошарка, како и развој на играчи кои би биле на конкурентно репрезентативно ниво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА