МЗТ Скопје ја прифати поканата за настап во АБА 2 лигата

Македонскиот вицешампион МЗТ Скопје го потврди настапот во АБА 2 лигата следнава сезона. Од клубот денеска и официјално информираат дека раководството ја прифати поканата за настап во второто по квалитет натпреварување во јадранската конкуренција.

СООПШТЕНИЕТО ОД КК МЗТ СКОПЈЕ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

МЗТ Скопје Аеродром и седма сезона по ред ќе настапува во јадранската конкуренција, откако управата на клубот и официјално го потврди настапот во АБА2-лигата.

Ова за нас ќе биде ново искуство со оглед што досега бевме дел од најсилната конкуренција во ова натпреварување, но тоа нема да го намали ентузијазмот и желбата за надигрување на сите во таборот на нашиот клуб. И во следната сезона против себе ќе имаме реномирани екипи, меѓу кои ќе бидат и поранешни европски прваци како Сплит и Босна, што сигурно ќе бидат дуели примамливи за гледање како за нашите навивачи и симпатизери така и за неутрални спортски вљубеници кај нас.

Средбите во АБА2-лигата воедно ќе бидат и шанса за стекнување искуство на помладите македонски кошаркари во нашиот тим, кои се надеваме дека ќе ги имаме во солиден број во следната сезона. Секако, амбициите ќе ни бидат еднакви на реномето кое МЗТ Скопје Аеродром го ужива на просторот на поранешна СФР Југославија.

Пред нас сега е период на оформување на составот со кој следната сезона ќе пробаме да ја вратиме шампионската титула во „Јане Сандански“ и достојно да ја презентираме Македонија на европска сцена. А, за секоја официјална информација поврзана со новите засилувања јавноста навремено ќе биде информирана преку нашата интернет-страница.

Се вчитува...