Одбојкарите против Косово за крај на групата во Сребрената лига

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва (20.15 часот) во „Кале“, против Косово ќе го одигра последниот натпревар од групната фаза во Сребрената Европска лига. Нашите одбојкари имаат фаворитски статус во пресрет на дуелот и за очекување е дека ќе ја забележат втората победа во оваа фаза од натпреварувањето.

Сепак вкупниот биланс, кој би бил 2-4 и тоа само со победи над Косово и по два порази од Австрија и од Летонија, се сериозно предупредување во пресрет на Ф4 турнирот. На него нашите одбојкари имаат директно учество бидејќи Скопје е домаќин на битките за трофејот на 15 и на 16 јуни. Бројот на освоени бодови и забележани победи можеби не значи ништо околу пласманот во полуфиналето, меѓутоа треба да биде аларм за амбициите за освојување на златото.

Ова ќе биде ефектот кој јас не го посакував. Но, минатите години завршувавме перфектно, со 6-0, па не го освојувавме златото. Се надевам дека оваа година ќе биде спротивно. Ќе завршиме полошо, но ќе дојдеме до златото. За дуелот со Летонија ми е особено мака за вториот сет во кој имавме голема предност, но не ја задржавме. Тоа на големи екипи кои претендираат на златен медал не смее да им се случува. Тоа беше голем тест за нас“ – изјави капитенот на репрезентацијата, Никола Ѓоргиев.

Единствената неизвесност со која се соочува нашата репрезентација околу полуфиналето, е противникот со кој ќе се соочиме на првото скалило на Ф4 на патот до титулата. Според најчестата досегашна пракса, двојките за полуфиналето би требало да бидат формирани според принципот на вкрстување, првопласираниот од едната со второпласираниот од другата група.

Во втортата конкуренција од Сребрената лига, фаворити за првото место се Хрватска и Белорусија. Овие две селекции во моментов имаат буквално идентичен биланс, па последните дуели од групата, денеска ќе го одредат конечниот пласман. Во игра се и неколку други опции околу формирањето на полиуфиналните двојки, но за нашиот тим јасно е дека името на противникот, кој и да биде, не е од големо значење. Затоа што потенцијалните противници се на релтивно слично квалитативно ниво и поради тоа, само играта што ние ќе ја прикажеме ќе биде релевантниот фактор за успех.

 

Се вчитува...