Македонските одбојкарска репрезентација со втората победа над Косово, максимална со 3-0 во сетови, се ‘загреа’ за настап на Ф4 турнирот во Сребрената Европска лига што ќе се одржи во Скопје на 15 и на 16 јуни. Против овој ривал избраниците на Љубомир Травица славеа и на гости, и со ефект од две победи и четири порази ќе бидат дел од завршниот турнир, само затоа што претходно го добија домаќинството. На крајот, Македонија заврши како третопласирана селекцијата во групата А, со шест освоени бода.
Разликата во квалитет меѓу одбојкарските селекции на Македонија и на Косово е очигледна, и јасно беше изразена и на вечерашниот дуел на „Кале“. Македонските одбојкари го добија првиот сет со 25-17, во вториот беа уште подоминантни и славеа со 25-10, а го заокружија мечот со 25-21 во третиот сет.
На завршниот Ф4 турнир во Скопје на 15 и на 16 јуни ќе играат Македонија, Летонија, Белорусија и Хрватска. Утре нашиот национален тим по ждребот во седиштето на ЦЕВ ќе го добие ривалот во полуфиналето, а во опција се Белорусија и Хрватска, селекциите од групата Б.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА