Машката ракометна репрезентација на Македонија вечерва (20.30 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ ја пречекува Романија во првиот натпревар од баражот за пласман на СП 2019 во Германија и Данска. Искуството, континуитетот во настапите на големите натпреварувања и домашниот терен кој знае да биде пеколен за противниците, на Македонија и носи фаворитска улога во денешниот прв меч, но и генерално во бараж пресметката со Романија.
Македонските ракометари се борат за шестиот настап на светските првенства, четврти во континуитет. Како дополнителен мотив се истакнува и фактот дека, овој бараж е исклучително важен бидејќи СП 2019 ќе биде квалификациско за следните ОИ во Токио.
„Овој бараж за нас е од круцијална важност. Си ја знаеме работата, сите посакуваме да се пласираме бидејќи ова Светско првенство ќе биде квалификациско за Олимписките игри. Имавме доволно време да се подготвиме и треба да одиграме максимално сериозно. Романија е квалитетен противник што не смее да се потцени. Немаат настапи на големите натпреварувања последниве години, но инвестираат и се враќаат, го донесоа Чави Пасквал, тоа покажува дека се сериозни. Треба максимално да се фокусираме на овој дуел“ – истакна капитенот Кире Лазаров.
Романија нема настап на Светските првенства од 2011 година и се надеваат дека со ангажманот на тренерот на Барселона на нивната клупа, ќе успеат да се вратат на големата сцена. Во дуелите против Македонија ќе бидат без својот најдобар играч, Александре Шимицу, а поради повреда го нема ни средниот бек Кристијан Фенич, но Романците сепак, веруваат дека може да изненадат во овој бараж и да обезбедат пласман на СП.
„Тактички сме добро подготвени за натпреварите против Македонија. Знаеме дека ќе биде тешко бидејќи Македонија е една од репрезентациите кои се редовни учесници на европските и на светските првенства во последниве години, искусни се и добро подготвени. Имаат силна поддршка од своите навивачи и атмосферата таму е „жешка“ и тешко е за секој противник. Но, се надевам дека ќе успееме да се справиме со тоа. Во Македонија беа среќни кога им се „падна“ Романија во баражот што значи дека веќе се гледаат на СП. Тоа може да биде наша предност во овој дуел“ – вели искусниот романски репрезентативец, Валентин Јонеа.
Вториот натпревар од баражот за СП 2019, Македонија и Романија ќе го одиграат на 13 јуни во Клуж.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА