Наумче Мојсовски ја враќа Струга во живот – И во суперлигашките амбиции, нашите играчи ќе бидат приоритет

По речиси цела деценија, РК Струга од следната сезона се враќа во суперлигашка конкуренција. Клубот со богата традиција од кој потекнуваат многу македонски репрезентативци, се избори за место во Супер лигата по триумфот во баражот со Металург 2 што е прв чекор напред и резултат од новиот проект зад кој стои едно добро познато ракометно име, долгогодишниот македонски репрезентативец, Наумче Мојсовски.

По завршувањето на играчката кариера, Мојсовски реши да го врати стариот сјај на ракометна Струга и се зафати со амбициозниот проект, прв пат во улога на претседател во својот матичен клуб. Првата цел беше Струга да се врати во најсилната македонска лига, а потоа чекор по чекор да се оди напред. Основа на целиот проект е да се врати стариот сјај на клубот и да се искористи домашниот потенција.

„На почетокот никој не веруваше, ама ете успеавме да влеземе во Супер лигата. Со овој проект од оваа позиција почнавме пред шест месеци и на наше големо задоволство, веќе се гледаат првите резултати. Сега приоритет ни е да се обидеме да ги вратиме во клубот нашите струшки деца. Има 4-5 наши добри играчи кои настапуваат во другите клубови или дел од нив во странство, со кои сме во контакт и сега веќе може да седнеме и да направиме конкретен муабет. Од утре почнуваме со реализација на тој дел од планот во комплетирањето на тимот за следната сезона. Прво се разговорите со тренерот и со играчите од актуелниот состав да видиме какви им се плановите и амбициите, а потоа и со тие што ни се во план како засилувања“ – истакнува Наумче Мојсовски.

Како што најавува претседателот на клубот, тимот и во своето суперлигашко издание, главно ќе се потпира на домашни сили, со евентуално 2-3 тројца квалитетни странски играчи на дефицитарните позиции. А, можно е засилување и на клупата од која во прволигашката конкуренција, РК Струга ја предводеше поранешниот ракометар, Наум Танески.

„Откако ќе ги завршиме разговорите ќе има и конкретни имиња. Фокусот секако ќе биде на младите домашни ракометари и на македонски тренери. Во клубот остануваат поголем дел од играчите од сегашниот состав. Разговаравме со Александар Ангеловски кој игра во Франција и му понудивме да ни се приклучи и со неколку младински репрезентативци кои добиваат помала шанса во своите сегашни клубови. Панираме и 2-3 квалитетни странски засилувања. Дефицитарни сме со левораки ракометари и десен бек сигурно ќе бараме во странство. Веќе имаме и некои препораки за еден исклучително квалитетен млад играч од Грузија. Верувам дека ќе направиме добар тим, според планот“ – нагласува Мојсовски.

Првата цел на РК Струга со новото раководство беше да се обезбеди пласман во Супер лигата. Амбициите на стружани се во наредните сезони да се задржи суперлигашкиот статус, а потоа и да се бара место погоре на табелата.

„ Сега се уште е рано за некои конкретни планови. Но, целта сигурно ќе ни биде да имаме успешне настап во оваа прва сезона и да обезбедиме опстанок во најсилната конкуренција. Што погоре тоа подобро. Верувам дека може да успееме, па и да се бориме за плеј-оф“ – оптимистички најавува Нааумче Мојсовски.

Покрај РК Струга која за место во Супер лигата се избори преку баражот со Металург 2 кој беше последен во плеј-аут фаза, нов суперлигаш од следната сезона ќе биде и РК Бутел кој од клупата го предводи поранешниот македонски репрезентативец, Игор Котевски.

Се вчитува...