Рафаел Надал ја продолжи својата доминација на Ролан Гарос, а најновиот пехар во Париз му донесе на шпанскиот ас и парична награда од 2,2 милиони долари. Со тоа, Надал стана само третиот тенисер во историјата што во својата кариера само од награди на турнирите успеал да ја мине границата од 100 милиони долари. Тој со премијата од Ролан Гаросс стигна од 100.251.508 долари, приклучувајќи им се на Роџер Федерер (116 милиони) и Новак Ѓоковиќ (110,8 милиони долари) во ова одбрано друштво.
За разликата во класа меѓу овие тројца и сите останати најдобар доказ е фактот дека Енди Мареј има стигнато „само“ до бројката од 60,8 милиони долари, а од пензионираните тениски легенди Пит Сампрас заработил 43 милиони долари, Андре Агаси 31 милион, а Борис Бекер 25 милиони долари за време на нивната доминација на терените.
Во женскиот тенис далеку пред сите останати е Серена Вилијамс со огромни 89,7 милиони долари, пред Венус Вилијамс со 39,9 милиони и Марија Шарапова со 30,8 милиони долари заработка од тениските турнири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА