Нашата репрезентација уште еднаш ќе биде далеку од собирот на најдобрите светски фудбалски репрезентации. И престојниов Мундијал во Русија останува без македонско обележје, нешто слично како и низ изминатите мундијалски занимливости, па токму поради тоа за нас некако редовно останува само потсетувањето за присуството на македонското име на Светските шампионите во фудбалската историја.
======================================================================================
Без сомнение, и за актуелните наши фудбалски генерации се уште свежо е сеќавањето за последното наше присуство, преку имињата на Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ на еден Светски шампионат.
Фудбалерот на векот во нашава земја, Дарко Панчев заедно со Станојковиќ беа дел од Светското првенство 1990 година во Италија кога со селекцијата на поранешна Југославија, под водство на Ивица Осим, стигнаа до 5. место.
Во генерацијата на Драган Стојковиќ, Дејан Савичевиќ, Роберт Просинечки, браќата Зоран и Златко Вујовиќ, Баждаревиќ, Хаџибегиќ, Сушиќ, Спасиќ, Вулиќ, Ивковиќ…, тогаш Југославија стигна до еден од најголемите успеси во историјата, петтото место на СП, откако во 1/8-финалето ја совлада Шпанија по продолженијата со 2-1, а во 1/4-финалето несреќно загуби од Аргентина дури по изведувањето на ударите од белата точка.
Панчев и Станојковиќ беа незаменлива алка од составот на Ивица Осим, при што нашата “златна копачка” нанижа и два погодоци во 8. и во 46. минута на средбата со Обединетите Арапски Емирати (4-1), останувајќи забележан како првиот Македонец со гол на најквалитетниот светски репрезентативен собир.
„Светското првенство е навистина големо натпреварување на кое е задоволство да се учествува. Тешко е да се опише тоа чуство. Мене ми е жал што со Македонија потоа не успеавме да стигнеме до една голема завршница, но тоа е фудбалот. Сега сите ние искрено очекуваме од следните генерации да ни подарат едно такво задоволство“ – вели за ЕКИПА, Дарко Панчев, кој по партиципацијата во тимот на Ивица Осим на СП во Италија, потоа беше клучен фудбалер во квалификациите за ЕП 1992 низ кои во десетте групи беше убедливо најдобар стрелец.
„Да бидам искрен, јас се чуствувам и како учесник на ЕП, со оглед на тоа што на првенството на стариот континент во Шведска не учествувавме само поради политички причини. Како Македонец, во тогашната селекција на Југославија, ми е гордост што стои забележано дека сум најдобар стрелец во квалификациите за ЕП 1992 со десет постигнати гола, пред тогаш извонредни стрелци како Жан-Пјер Папен и Марко ван Бастен“ – коментира македонскиот фудбалер на векот.
Со почетоците на нашата фудбалска независност и Панчев и Станојковиќ подоцна беа дел и од македонската репрезентација меѓутоа сепак ниту со нивната извонредна генерација во која беа и Канатларовски, Најдоски, Јаневски, Савевски, Митко Стојковски, Бошко и Милко Ѓуровски…, Македонија не успеа да избори место на една завршница од голем фудбалски собир.
ДАРКО ПАНЧЕВ
Роден: 7 септември 1965, Скопје
Кариера: Вардар (1983-1988), Црвена звезда (1988-1992), Интер (1992-1994), Лајпциг (1995), Фортуна Дизелдорф (1995-1996), Сион (1996-1997)
ФАКТИ ШТО НЕ СЕ ЗАБОРАВААТ ЗА ЕДИНСТВЕНИОТ ДАРКО ПАНЧЕВ
* Единствен капитен на Вардар што го подигнал пехарот во младинскиот Куп на СФРЈ.
* Најмлад најдобар стрелец во национален шампионат воопшто во светската фудбалска историја (со Вардар сезона 1983/84).
* Единствен капитен на Вардар што го подигнал шампионскиот пехар во поранешна СФРЈ.
* Единствен Македонец најдобар стрелец во поранешните првенства на СФРЈ.
* Единствен Македонец стрелец на Светско првенство (СП 1990 во Италија).
* Прв Македонец што потпишува за клуб-шампион од Италија.
* Најдобар стрелец на вечната листа 60 години, во шампионатите на поранешна Југославија, со вкупно 171 постигнат гол.
* Единствен Македонец што стигнал до европската „Златна копачка“.
* Единствен Македонец што воопшто во историјата е кандидиран за најдобар фудбалер на стариот континент и прогласен меѓу тројцата најдобри на Европа за сезоната 1990/91.
* Единствен Македонец што од престижниот шпански фудбалски магазин „Дон Балон“ е прогласен за „Крал на головите“ во 1991 година пред Жан Пјер Папен и Марко ван Бастен.
ВУЈАДИН СТАНОЈКОВИЌ
Роден: 10.септември 1963, Куманово
Кариера: Куманово (1985), Вардар (1986-1989), Партизан (1989-1993), Дегерфорш (1993-1996), Трелеборг (1997-1998)
Репрезентативна кариера: СФРЈ (21), Македонија (7)
Тренерска кариера: Македонија ЃП, Вардар, помошник на Сречко Катанец во македонската репрезентација, селектор на репрезентација до 19 години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА