Минаа повеќе од десет дена откако Зинедин Зидан шокантно си поднесе оставка од тренерската функција во Реал Мадрид, а Флорентино Перез очигледно не брза ссо одлуката за нов стратег на „кралевите“ Во меѓувреме медиумите продолжуваат со шпекулациите, па секој нов ден во јавноста се појавува ново име што се поврзува со преселба на „Сантијаго Бернабеу“.
По Покетино, Клоп, Лев, Венгер, Гути, Јеро… денеска дојде ред и на португалскиот стратег Андре Вилјаш Боаш, кој од страна на неколку шпански медиуми е поврзуван за една од најтешките тренерски работи во Европа. Под негово водство Герет Бејл играше во животна форма во Тотенхем, но тешко дека таа препорака ќе биде доволна за Вилјаш Боаш да пристигне во Мадрид, освен доколку Флорентино навистина во меѓувреме остане без врвна опција за наследник на Зизу.
Тој е без ангажман откако минатиот декември си замина од Шангај СИПГ, каде работеше со Оскар и Хулк. Во меѓувреме Вилјаш Боаш одби неколку понуди за да се одмори од фудбалот, а во јануари беше дел од релито Дакар, но мина неславно откако со своето возило заврши во дина со песок. Јасно е, доколку добие понуда од Реал Мадрид овој стратег сигурно без многу размислување ќе ја прифати, но Флорентино Перез очигледно ќе тактизира уште извесно време во потрагата по нов тренер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА