Десет мундијалски рекорди што можат да бидат урнати во Русија

Се ближи почетокот на светскиот спектакл наречен фудбалски мундијал, што официјално ќе стартува в четврток во Москва со дуелот меѓу селекциите на Русија и на Саудиска Арабија.

Најдобрите 32 светски репрезентации во следните триесетина дена ќе водат битки за престолот на кој моментно се наоѓа Германија, а во меѓувреме можат да бидат урнати и десет рекорди на фудбалските мундијали, за испишување на нови страници во историјата на овие големи натпреварувања.

НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Мирослав Клосе е сопственикот на овој рекорд со 16 мундијалски погодоци, но Томас Милер би можел да го надмине достигнувањето на својот сонародник. Германецот досега има постигнато единаесет гола на претходните мундијалски настапи, а со оглед на офанзивниот фудбал на оваа репрезентација Милер би можел веќе во Русија да го стигне Клосе.

Воедно, Томас Милер би можел да стане прв играч што постигнал четири или повеќе голови на три светски шампионати во серија, надминувајќи ги Пеле и Роналдо.

НАЈМНОГУ СРЕДБИ НА СП БЕЗ ПРИМЕН ГОЛ

Мануел Нојер цела сезона не настапуваше за Баерн поради повреда, но одличниот голман сега е „фит“ и големи се шансите да добие шанса како стартер на голот на Германија. Доколку тоа се случи, Нојер ќе може да атакува на рекордот за најмногу мундијалски средби без примен погодок.

Тој досега има седум вакви средби, а рекордери се Питер Шилтон и Фабијан Бартез со по десет натпревари на кои легендарните голмани не примиле гол на СП.

ТРЕНЕР СО НАЈМНОГУ МУНДИЈАЛСКИ ПОБЕДИ

Уште еден потенцијален рекорд, и повторно Германец во конкуренција. Јоаким Лев сепак има најмали шанси за да стане рекордер, со оглед на фактот дека има девет победи на мундијалите, дури седум помалку од Хелмут Шон. Ова значи дека Германија ќе треба да слави на сите седум средби во Русија, за Лев да го израмни актуелниот рекорд.

НАЈВОЗРАСЕН ИГРАЧ НА ЕДЕН МУНДИЈАЛСКИ МЕЧ

Актуелен рекордер е Фарид Мондрагон, кој настапи на СП 2014 во Бразил на возраст од 43 години и три дена. Овој рекорд би можел да биде урнат од страна на египетскиот голман Есам Ел-Хадари, кој како 45-годишник допатува во Русија.

Ел-Хадари е резервен голман во репрезентацијата, но фановите веќе почнаа петиција тој да добие шанса макар една минута во финишот од натпреварите, за да го стане мундијалски рекордер.

НАЈМНОГУ ДОБИЕНИ КАРТОНИ

Интересно, на врвот на оваа листа се наоѓа Зинедин Зидан со шест картони, рамо до рамо со Рафаел Маркез. Мексиканскиот ветеран е дел од играчите и за овој мундијал, па со еден картон би можел да го мине Зизу. Шанса да стане сопственик на овој неславен рекорд има и Австралиецот Тим Кејхил, кој досега има пет мундијалски картони, еден помалку од Маркез и од Зидан.

НАЈМНОГУ НАСТАПИ КАКО КАПИТЕН

Рафа Маркез и овде и кандидат за рекордер, доколку се појави во стартниот тим и биде капитен на Мексико на трите средби во групата тој ќе го мине рекордот на Диего Армандо Марадона, кој 16 пати како капитен ја предводел Аргентина на светските шампионати.

НАЈМНОГУ ПОСТИГНАТИ ГОЛОВИ КАКО КАПИТЕН

Диего Армандо Марадона има шест гола како капитен на Аргентина, актуелен рекорд на предводниците на селекциите на мундијалите.

Токму неговиот сонародник Лионел Меси атакува на рекордот на Марадона, асот на Барселона пред четири години како капитен постигна четири гола за „гаучосите“ во Бразил, па сега му недостигаат уште три во Русија за да стане рекордер.

ДВЕ „ЗЛАТНИ ТОПКИ“ ПО РЕД

И повторно кандидат за рекордот е Лионел Меси. Аргентинскиот ас пред четири години беше избран за најдобар фудбалер на мундијалот во Бразил, а ниту еден фудбалер не успеал да го одбрани ова индивидуално признание на два шампионати во серија.

Доколку Аргентина стигне далеку на овој мундијал, Меси сигурно ќе биде меѓу главните кандидати за наградата.

СТРЕЛЕЦ НА СИТЕ МЕЧЕВИ НА ДВА МУНДИЈАЛИ

Хамес Родригез пред четири години си обезбеди мегатрансфер од Монако во Реал Мадрид поради одличните игри за Колумбија за време на СП 2014. Тој се запиша меѓу стрелците на сите пет натпревари што Колумбија ги одигра на мундијалот во Бразил, па ќе се обиде во ист стил да продолжи и во Русија.

Никој досега во историјата не успеал да повтори ваков успех на две светски првенства во серија, но Хамес ќе се обиде да стане рекордер на дуелите со Јапонија, Полска и Сенегал.

НАЈВОЗРАСЕН СЕЛЕКТОРСКИ ДУЕЛ

Актуелен рекорд е оној од последниот мундијал кога на мечот Англија – Уругвај двајцата селектори Рој Хоџсон и Оскар Табарез имаа вкупно 134 години и два месеци. Тој би можел да биде урнат летово во Русија, но само доколку во нокаут фазата еден на друг налетаат Уругвај и Португалија (дел од групите А и Б). Тогаш силите би ги одмериле Табарез и Сантош, кои би имале вкупно 135 години и три месеци.

Се вчитува...