СЕИРМАНИЈА: Конечно СП – Без прогнозите на Пеле, без смешните судии и без девојките на фудбалерите, МОЛАМ!

Спортот секогаш пред се треба да биде забава, иако сите ние неизбежно си го „лепиме на срце“ некогаш и премногу сериозно. Но, секако, шега никогаш не е на одмет колку понекогаш да се разбие нашето спортско сивило во кое знаеме да западнеме. Иако, и погледот од духовитата страна и тоа како знае и може, и помоќно од сериозниот пристап, да ги потенцира аномалиите во нашето спортско секојдневие. Токму затоа е тука СЕИРМАНИЈА…
=======================================================================================================================

На Светското првенство во Русија ќе не забавуваат Меси и Роналдо, Иниеста и Луис Суарез, Мбапе и Нејмар, Модриќ и Азар… Факт. Арно, ама дефинитивно секогаш има и нешта од кои ви се крева косата на главата.

Ете, убаво сте го измолиле шефот да ви го додели одморот баш во периодот на одржување на Светското првенство, откако претходно напорно работевте прекувремено. Ја испративте саканата на море, купивте нов ЛЦД телевизор со дијагонала најмалку од два метри само за СП, го наполнивте фрижидерот со пиво и ги предупредивте соседите дека наредните неколку денови кај вас ќе престојува малку поголемо друштво, па ги замоливте за мало разбирање. Купивте дрес од репрезентацијата која ја одбравте како “своја” за СП 2018 со оглед на тоа што Македонија ја нема во тој круг (на пример: Мексико), и броите часови до почетокот на натпреварувањето.

И тогаш почнуваат разочарувањата! Во најавната спортска емисија, покрај дотраените досетки кои ги слушате пред секој Мундијал веднаш следи и прилог во кој Пеле по којзнае кој пат погрешно го прогнозира расплетот на СП… Следат и вести дека англиските хулигани се судриле со полицијата веднаш по првото симнување од авион, а на сето тоа одбрано е плус и некое животинче кое ќе прогнозира резултати… Абе циркус. Но, нема врска почнува натпреварот. И, повторно разочарување. Во воведните кадрови ушите ви ги пара ненормалниот звук на вувузелите, а вашата одбрана селекција Мексико прима гол од офсајд од два метри кој „врвниот” судија на ФИФА, кој доаѓа од Таџикистан, едноставно не го видел. Неколку минути подоцна ќе досуди и пенал четири метри надвор од шеснаесетникот со кој ќе ви го ‘сруши’ и последниот тикет од обложувалница – па Светското првенство ќе ви преседне уште и пред да почне.

А, замислете колку се би било многу попријатно доколку во Русија ги нема овие пет работи:

1. „Стручните” прогнози на Пеле

Ако може конечно да се избегнат „стручните” прогнози кои пред секој Мундијал ни ги „дели” бразилската фудбалска легенда Пеле овој пат навистина ќе биде многу добро. Сеќавајќи се на претходните негови „стручни” анализи, во пресрет на СП 1994 година категорично тврдеше дека Колумбија ќе биде нов светски шампион, во Јапонија и Јужна Кореја селекцијата на Бразил ја елиминираше уште по првата фаза, а ‘предвиде’ дека Аргентина или Франција ќе го освојат светот. На крајот Франција освои само еден бод од три натпревари, Аргентина исто така не ги мина натпреварите по групи а Бразил стана светски шампион. На минaтото Светско првенство прогнозираше дека Бразил ќе победи со 3-0 против Германија во полуфиналето, а тие кутрите загубија со 1-7. Доста Пеле прогнозираше!

2. Доста е и од мексиканската “Ола”

Ако сте еден од оние кои се одлучиле со помош на серија кредити сепак да патувате во Русија тогаш последното што ќе ве интересира е да бидете дел од постојаните мексикански „бранови” на трибините. Десеттина досадни шмек-навивачи, кои за фудбал слушнале само кога има Мундијал и за него знаат исто колку и фудбалските работници за нуклеарната физика, пред вас воодушевено ќе потскокнуваат заедно со нацртаното знаме од својата земја на голите гради од своите девојки… А вие како идиот ќе барате простор меѓу нив да пуштите некој поглед на теренот по добар фудбал.

3. Смешните судии на ФИФА, спрејовите и ВАР системот

На секое Светско првенство како по обичај ФИФА со себе си носи циркузанти модифицирани во судии, на пример од Уганда или Шри Ланка, кои онака рутински успеваат да создададат тотален хаос најмалку барем на три натпревари на шампионатот. А, потоа ФИФА, онака рутински, мртва ладна ги брани со цврстите свои аргументи дека „топката е тркалезна”… Уште во Русија кога ќе се дополни сега и ВАР системот, може да претпоставиме каков циркус ќе има на натпреварите…. ВАР систем во комбинација со судија од Таџикистан – ГЕНИЈАЛНО!

4. Татини синови и директори

Речиси 30% од билетите за СП 2014 година заминаа во ложите за директорите на големите светски компании и нивните синови наследници. Поголемиот дел од нив не знаат ни што е офсајд, од стадион заминуваат десеттина минути порано, за време на натпреварот разговараат за се само не за фудбал па често пропуштаат да ги видат и головите, но важно е за нив да бидат видени во ложите на едни вакви големи настани.

5. Жените и девојките на фудбалерите

Абре нели е веќе доста и од текстовите за жените и девојките на фудбалерите!? Па зарем бре е важно што носат на себе, какви ташнички купиле или со кого го изневериле саканиот додека овој игра на СП. Абре аман веќе од нив… Фудбал сакаат само заради парите на саканиот. Всушност, што е право, среќни се и ако селекторот на нивната селекција дозволи секс за време на шампионатот.

 

  • Ова се мои пет работи… Вие слободно дополнете ја листата!

ОЗНАКИ: Сеирманија,

Се вчитува...