ЕКИПА во Клуж,
Билјана Б.Петрушева
Македонија има осум гола „на залиха“ и улога на голем фаворит во денешниот реванш натпревар со Романија во Клуж, со почеток во 17.30 часот, за пласман на СП во 2019 во Германија и Данска. Доминацијата и триумфот на македонските ракометари на првиот меч во Скопје со 32-24 ја потврди разликата во искуството и квалитетот меѓу овие две селекции.
Баражот во голем дел е решен уште во Скопје, останува денеска да се одиграат и вторите 60 минути од овој дуел на жешкиот терен во Клуж. „Жежок“ повеќе поради температурата во салата „Хореа Демиан“, отколку поради атмосферата. Сепак, Раул Гонзалес, на реваншот гледа со претпазливост.
„На домашен терен секогаш се игра подобро. Овде Романија игра добро, мора да имаме почит и трпение. За мене не значи ништо кој е фаворит, а кој не. Треба само да почнеме добро, првите 15 минути да бидат силни и ако може да поведеме во нив, ќе биде многу добро за нас“ – вели селекторот на Македонија, Раул Гонзалес.
Во Клуж и воопшто во романските медиуми, нема премногу интерес за настапот на нивната машка ракометна репрезентација која од 2011 година ја нема на европските и на светските првенства. Токму затоа и овој натпревар од баражот за СП против Македонија се игра во малата сала во Клуж со капацитет од 2.500 гледачи, а не во големата и многу порепрезентативна „Поливалента Арена“ со капацитет од 7.224 места, која се наоѓа во непосредна близина.
Романците велат „само чудо може да не спаси“. А, за да се случи чудо што ќе ги однесе на СП треба да победат најмалку со осум гола разлика, да не примат повеќе од 23 гола и дадат повеќе од 31. Сето тоа ќе биде многу тешко изводливо за романската репрезентација која во овој бараж игра без своите најдобри поединци – левиот бек Александру Шимицу и плејмејкерот Кристијан Феничи.
Романија, дефинитивно ќе се обиде да го поправи впечатокот во реваншот на домашен терен, но прашање е колку и што може да смени Чави Пасквал за во играта, за само три дена.
„Постои голема разлика меѓу Романија и Македонија. Свесни сме за фактот дека играме против еден од најдобрите тимови во светот и дека ќе ни биде тешко и во реваншот“ – истакнува шпанскиот тренер на селекторска функција во Романија, Чави Пасквал.
Дали е блеф од славниот тренер на романската клупа или реален однос на силите, ќе видиме на денешната втора пресметка. Резултатската и психолошката предност секако се на македонска страна.
Дуелот Романија – Македонија е со почеток во 17.30 часот по македонско време. Победникот во овој бараж-двомеч обезбедува пласман на СП 2019 што ќе се одржи во Германија и во Данска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА