Марсијал решен да си замине од Манчестер јунајтед

Антони Марсијал не гледа за себе иднина во Манчестер јунајтед и сака да си замине од „Олд трафорд“. Ова во интервју за РМЦ Спорт го објави агентот на Марсијал, Филип Ламболеј, кој посочи дека управата на „црвените ѓаволи“ на чело со Жозе Мурињо не направила доволно за да го задржи францускиот ас во Манчестер. Актуелниот договор на Марсијал истекува на крајот од новата сезона, па „ѓаволите“ се принудени да го продадат во следниот период, за да не се случи наредниот јуни тој да си замине без никаква отштета

„Откако ги разгледа сите опции, Антони сака да си замине од Манчестер јунајтед. Кога ќе се разговара осум месеци за продолжување на договорот и нема да се најде заеднички јазик, очигледно е дека клубот не гледа на него како на важен фудбалер. Марсијал добро размисли и реши да си замине, на клубот е да реши што ќе прави следно. Свесни сме дека тој има договор на уште една сезона и подготвен е максимално професионално да го одработи доколку клубот реши да го задржи“ – изјави Ламболеј.

Тотенхем сака да го задржи Марсијал во Премиер-лигата, понуда подготвува и Арсенал, но Мурињо повеќе би сакал да го продаде Французинот надвор од Англија, а сериозен интерес искажуваат и Јувентус и Баерн Минхен.

Се вчитува...