Неполни 24 часа по остварениот успех со најновиот пласман на еден ракометен мундијал, стручниот штаб на нашиот национален тим го одреди конечниот список на патници за Медитеранските игри што ќе се одржат во Тарагона летово.
Роберто Парондо, кој ќе ја води нашата национална селекција на ова натпреварување, се реши за состав во кој доминираат помладите ракометари, оние кои досега се наоѓаа на поширокиот список на Раул Гонзалес, а сега ќе добијат можност да се докажат и во репрезентативниот дрес. Од поискусните тука се Ојлески, Пешевски и Поповски, а улогата на лидер во бековската линија ќе му припадне на капитенот на Металург, Филип Кузмановски.
Мартин Томовски, Никола Даниловски, Гоце Ојлески, Бојан Маџовски, Филип Кузмановски, Горан Крстевски, Мартин Манасков, Ласко Андоновски, Филип Чурлевски, Мартин Велковски, Мартин Поповски, Никола Костески, Костадин Петров, Милан Лазаревски, Дарко Димитриевски, Жарко Пешевски.
Заминувањето за Тарагона е предвидено за 21 јуни, а на почетокот на наредната седмица, ракометарите ќе одработат кратки подготовки во салата „Автокоманда“ во Скопје. Собирот е закажан за понеделник (18.06.2018) со почеток од 18:00 часот. Инаку, медитеранската машка селекција работеше подготовки и во текот на минатата седмица, паралелно со првиот тим кој настапи на бараж натпреварите за Светското Првенство 2019.
Ракометниот турнир на медитеранските игри во Тарагона почнува на 23 јуни, а Македонија се наоѓа во група со Египет, Србија и Турција. Според распоредот на натпревари, првиот меч го играме со Туција на 23 јуни, ден подоцна се среќаваме со Египет, додека групната фаза ќе ја затвориме на 25 јуни. Следува ден одмор, а натпреварите за конечен пласман на Игрите продолжуваат од 27 јуни до 1 јули, за кога се закажани финалните средби.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА