И Летонија превисока за одбојкарите: Македонија заврши последна на Ф4 во Сребрената Европска лига

Одбојкарската репрезентација на Македонија го загуби малото финале од Летонија на Ф4 турнирот што се одржува во Скопје и на крајот го освои четвртото место во завршницата на Сребрената Европска лига. Летонците и по третпат оваа сезона ги совладаа македонските одбојкари, овојпат со 3-1 во сетови во салата „Кале“.

Македонија очигледно не успеа да се врати психолошки во игра по вчерашниот полуфинален пораз (2-3) од Хрватска, меч во кој имавме позитива од два сета на стартот.

Летонците наметнаа силно темпо уште од стартот и го освоија првиот сет со 25-20. Во вториот беа уште поубедливи и го комплетираа со 25-16. Кога сите очекуваа рутинска завршница за противникот, и откако селекторот Љубомир Травица ги повлече од игра капитенот Никола Ѓоргиев и Владо Милев, нашата репрезентација заигра многу подобро и на крајот го освои третиот сет со 25-23.

Многу возбуда донесе и четвртиот сет. Летонија имаше водство, а потоа македонските одбојкари добија можност да го затворат. Поведоа со 24-22, но и не го комплетираа. Неизвесноста продолжи, а Летонија направи пресврт, го доби со 28-26 и триумфираше со 3-1 во сетови.

Во финалето на Ф4 турнирот во Скопје, од 19 часот силите во салата „Кале“ ќе ги одмерат одбојкарските селекции на Белорусија и на Хрватска.

Се вчитува...