По ремито на Исланд со Аргентина, денешниот мундијалски ден донесе уште поголемо изненадување откако светскиот првак Германија капитулираше на дуелот со Мексико (0-1). Германците тотално разочараа, во првото полувреме одиграа катастрофално, во вториот дел не искористија неколку шанси, но овој пораз е заслужен, за будење и далеку подобри изданија во иднина ако се сака сериозно да се одбрани титулата освоена пред четири години во Бразил.
Уште од првата минута стана очигледно дека брзоногите мексикански офанзивци ќе им создаваат големи проблеми на Германците, откако Лозано доби употреблива топка во шеснаесетникот, но неговиот обид во последен момент беше блокиран. Тактиката на Јоаким Лев беше прочитана, а мексиканскиот состав знаеше како да ја искористи незаинтересираноста на Кедира и на Крос да помогнат во одбраната, каде Хумелс и Боатенг најчесто беа оставани без никаква помош. При една таква ситуација падна и голот, Германците загубија топка на противничката половина, Хумелс се лизна на средината во обид да ја отстрани опасноста, по што Мексико отвори беспрекорен контранапад што Лозано го претвори во погодок.
Chucky Lozano is an absolute baller ????????? pic.twitter.com/2CUr2aTaVr
— World Cup Goals (@WorldCupBangers) June 17, 2018
Најубавата шанса за израмнување актуелните светски прваци ја пропуштија пред крајот на првото полувреме, Крос биеше извонредно од слободен удар од дваесетина метри, а Очоа со помош на гредата ја сочува својата мрежа незатресена.
Наспроти поголемиот посед, германскиот национален тим не успеа да доминира во својот препознатлив стил, тешко наоѓајќи протор во противничкиот шеснаесетник. Свесен за промашената тактика, Лев во второто полувреме ги уфрли и Ројс и Гомез, а токму искусниот Гомез не се снајде најдобро во 88. минута, кога по центаршут од десната страна имаше идеална ситуација да погоди со глава, но биеше над гредата. Тој не беше на висина на задачата ниту во 90. минута, кога на асистенција на Ројс не успеа да го совлада одличниот Очоа, кој ја осигура огромната победа на Мексико на стартот на овој мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА