Болидите на Ред бул од наредната сезона во Формула 1 шампионатот ќе бидат со мотори на Хонда, откако челниците на овој тим решија да го променат производителот на мотори по повеќегодишната соработка со Рено. Во Ред бул веќе извесно време не се задоволни од Рено откако нивните болиди почнаа сериозно да заостануваат во брзина во однос на оние на Мерцедес и на Ферари, во изминатиот период беа водени разговори со неколку кандидати, за на крајот да се потпише договор со Хонда.
„Импресионирани сме од посветеноста на Хонда во Формула 1 и големите чекори напред што оваа компанија ги направи со нашиот сестрински тим Торо Росо. Амбициите на Хонда се еднакви со нашите и затоа решивме токму оваа компанија да го снабдува нашиот тим од наредната година“ – изјави тимскиот шеф на Ред бул, Кристијан Хорнер.
Хонда во изминатиот период градеше нова зграда која ќе биде база за производство на мотори за Ф-1 болиди, што ќе биде готова во следните неколку месеци. Ова ќе биде првпат јапонската компанија да снабдува со мотори два тима во Формула 1, откако Хонда во 2015 се врати во Ф-1 преку соработката со Мекларен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА