Исланд како судбина за македонските ракометарки

Женската ракометна репрезентација на Македонија во квалификациите за СП 2019 во Јапонија ќе игра во групата со Турција, Исланд и Азербејџан. Со репрезентацијата на Исланд, македонските ракометарки играа во иста група и во претходните два квалификациски циклуси за СП. Во квалификациите за СП 2015, Исланд славеше победа со 33-23, а во следниот циклус за место на СП 2017, Македонија победи со 27-20 .

Со жедрепката што се одржа денеска во Глазгов кој деновиве е домаќин на Конгресот на ЕХФ, беа одредени четирите квалификациски групи со по четири репрезентации.

Првопласираните репрезентации во четирите групи и најдобрата второпласирана во овој квалификациски циклус обезбедуваат пласман во баражот за СП 2019 во Јапонија што ќе се игра во јуни наредната година.

Од европските селекции директен пласман на ракометниот мундијал обебзедува Франција како актуелен светски шампион и трите најдоброрангирани селекции на ЕП 2018 на кои им се придружуваат деветте репрезентации што ќе го минат баражот.

Светското првенство во Јапонија ќе се одржи од 29 ноември до 15 декември 2019 година.

Се вчитува...