Масев – спортски директор на А репрезентацијата, Костадинов нов член на УО на ФФМ

Управниот одбор на ФФМ на денешната седница го назначи поранешниот македонски репрезентативец Данчо Масев за спортски директор на А репрезентацијата на Македонија.

Дени Масев својата фудбалска кариера ја почна во Беласица, а потоа играше и за Вардар и Работнички на домашната сцена. Во својата играчка кариера има и пет настапи за А селекцијата на Македонија.

„Благодарност до Управниот одбор на ФФМ и селекторот на А репрезентацијата на Македонија за укажаната доверба, за мене е голема чест што добив можност да бидам дел од Националниот тим. Со голем дел од фудбалерите во составот од македонската репрезентација се познаваме одлично, дел од кариерата ја минавме заедно во Беласица и Вардар. Имам добра комуникација со сите, убеден сум дека тој однос дополнително ќе го надградиме со целата екипа. Драго ми е што во тимот има одлична енергија, тоа го видовме сите, не само поради добрите резултати во последната година, туку и заради поврзаноста меѓу фудбалерите и нивниот однос кон дресот со државен грб. Имаме одлична репрезентација и добри поединци предводени од капитенот Пандев. Во Лигата на Нации имаме голема шанса и сметам дека сме способни за прво место во групата. Потоа се е можно. Секако дека посакуваме историски резултат и пласман на Европско првенство. Тоа со оваа репрезетнација ни недостасува. Сите сме тука за таа цел, да направиме нешто големо“вели Масев по преземањето на новата функција.

Управниот одбор на ФФМ, на денешната седница доби и нов член. На местото на Бранко Здравески во највисокото тело на Федерацијата влегува Димитар Костадинов кој претходно беше претседател на Специјалната Олимпијада на Македонија 2010-2014 и потпретседател на Македонската кошаркарска федерација во периодот од 200 до 2014 година.

Се вчитува...