Македонската Кошаркарска Федерација денеска на состанок со клубовите ќе го достави својот предлог за намалување на бројот на странски кошаркари во првата лига. Станува збор за проблем за кој се дискутира подолго време, МКФ организираше и јавна дебата на оваа тема, за сега да се повлече и конкретен чекор, за утврдување на бројот на странци за наредната сезона.
Како што дознава ЕКИПА, предлогот ќе се состои од две етапи, а во првата, за наредната сезона, бројот на странски кошаркари ќе биде намален од шест на четири во сите прволигаши. Воедно, наместо двајца, со правило ќе биде утврдено на теренот во првиот дел од сезоната (до Супер-лигата) да има тројца домашни играчи, од кои еден младинец (1996 и помлади). Со стартувањето на конкретната битка за највисок пласман, во Супер-лигата и плејофот (и плеј-аутот), настапот на младинците веќе нема да биде задолжителен, а на терен ќе мора да има најмалку по двајца македонски кошаркари.
Веќе за наредната сезона (2019/2020) бројот на задолжителни домашни кошаркари ќе биде три, без ограничувања за младинци. Лимитот за странци ќе остане на четири кошаркари, со тоа што максимум двајца ќе можат да бидат на теренот во исто време.
Овој предлог е доставен до клубовите на денешниот состанок со највисоко раководство на МКФ. Во следните денови сите прволигаши преку дописно собрание ќе треба да гласаат за истиот, по што ќе биде донесена и конечната одлука, околу бројот на странски и задолжителни домашни кошаркари на терен за сезоната 20182/2019.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА