Женската ракометна репрезентација на Македонија со победа го отвори настапот на Медитеранските игри во Тарагона, Шпанија. Во првиот натпревар на ракометниот турнир на Игрите, македонските ракометарки беа поуспешни од селекцијата на Турција со 31-26. Оваа победа е добра најава за избраничките на селекторот Симе Симовски бидејќи селекцијата на Турција е еден од противниците на Македонија и во претстојниот квалификациски циклус за СП 2019.
По изедначениот почеток во првите минути од дуелот, Македонија направи серија од 5-0 и по првата четвртина имаше водство од 9-5. Ефикасната игра на македонскиот состав во 19.минута донесе и највисоки +6 (11-5).
Контролата на играта и на резултатот, македонските ракометарки ја задржаа и во наредните петнаесетина минути и на одмор заминаа со водство од 15-11.
Во исто темпо продолжи и второто полувреме. Македонија ја одржуваше предноста од 3-4 гола разлика, а во последнаат четвртина повторно стигна до највисоките шест гола разлика поведувајќи со 22-16. Турчинките успеаја да намалат на 18-22, но не и да ја загрозат победата на Македонија во овој прв дуел. Во финишот македонските ракометарки стигнаа и до водство од 29-21 и го осигураа триумфот на крај со 31-26.
Во првиот натпревар на женскиот ракометен турнир во Тарагона, репрезентацијата на Црна Гора ја победи Србија со 36-22. Македонските ракометарки во следното коло, во понеделник ќе играат против селекцијата на Србија.
Денеска на Медитеранските игри во Тарагона, стартуваат и натпреварите на машкиот ракометен турнир. Македонија во првиот меч (16.30 ч.) игра против Турција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА