Аргентински хаос: Играчите бараат Сампаоли да седи на клупа и да молчи

Односите во аргентинската репрезентација го допреа дното откако фудбалерите денеска побараа од раководството на федерацијата ако веќе Сампаоли остане селектор, тој да седи на аголот од клупата и да молчи за време на натпреварот со Нигерија.

Претседателот Тапија одби да го отпушти селекторот среде мундијал, но лобито на играчите предводено од Лионел Меси е решено да го истера својот став до крај – селекторот да не ги води „гаучосите“ на клучниот натпревар од групната фаза. Меси ја има поддршката на Агуеро, Ди Марија, Рохо, Маскерано, Дибала… па фудбалерите на денешниот состанок со Тапија дури и се заканиле со бојкот, порачувајќи дека нема потреба Сампаоли ниту да ги води тренинзите до дуелот со Нигеријците. Ако веќе останува на функцијата, се бара Сампаоли да седи на клупата, но на аголот крај резервите и воопшто да не станува крај аут-линијата.

Според аргентинските медиуми, федерацијата најпрвин се согласила на ваквите барања, но по средбата меѓу Тапија и Сампаоли ставот бил променет, пред се поради фактот дека стратегот би добил 16 милиони евра доколку биде отстранет од функцијата.

До мечот со Нигерија има уште неколку дена, а веќе станува јасно дека оваа „сапуница“ не е ниту близу до конечна разврска.

Се вчитува...