Македонските кошаркари ги финишираат подготовките за последниот квалификациски дуел од овој циклус, гостувањето против Швајцарија. Мечот е на програмата в четврток, а македонските кошаркари ќе се упатат кон Фрибург в среда, па ќе имаат еден тренинг во салата на одигрување на натпреварот. Во меѓувреме, во Скопје се крои тактиката за нова победа, за максимален ефект во овој квалификациски циклус и поголема самодоверба пред наредните предизвици.
„Математички гледано можеме и да загубиме до 15 разлика и да се пласираме, но никој не ни помислува на такво нешто. Знаеме дека сме подобри од Швајцарците и сакаме тоа да го покажеме на теренот, како што тоа беше случај и на првото гостување во Словачка. Не летаме во облаци, знаеме дека нема да биде лесно, но ќе сториме се за со победа да го завршиме овој квалификациски циклус“ – истакнува Стојан Ѓуроски.
Тој потсетува дека нашата репрезентација имаше проблеми да го скрши отпорот на Швајцарија во првото полувреме од дуелот во Скопје.
„Не се толку наивни колку што се мисли. Знаете како беше во Скопје, едно полувреме ни создаваа проблеми, играа многу брзо и со две „четворки“, без класичен центар. Во вториот дел ги прочитавме и се одлепивме, но јасно ни е дека ќе мораме да одиграме со 100% од своите можности за да стигнеме до победата. Знаеме како да ги запреме, немаат некои посериозни промени во тимот и очекувам со максимална игра да триумфираме на оваа средба“ – оптимист е Ѓуроски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА