Група Ц: „Кенгурите“ се крстат во Франција

По две одиграни кола во групата Ц на првото место е Франција со шест бода, пред Данска со 4, Австралија со еден и Перу без ниту еден освоен бод, а во рамките од третата рунда ќе се сретнат Франција и Данска,  односно Австралија и Перу.

Математиките се јасни, Франција е сигурна во осминафиналето, а на „триколорите“ им е доволен и само еден бод денеска против Данска за да се задржат на првото место во групата. Данците мораат да освојат најмалку бод, а доколку загубат од Франција, тогаш би се отворила шанса за Австралија, која со победа над Перу би скокнала до втората позиција и место во осминафиналето. Дидие Дешамп ќе го ротира тимот, Мбапе ќе добие одмор и на негово место ќе настапи Дембеле, додека Нзонзи ќе го заземе местото на Погба.

Традицијата вели дека од 14-те меѓусебни дуели досега само еден завршил без победник, осум победи забележа Франција наспроти пет на Данска. Скандинавската селекција е без пораз на последните 17 натпревари што ги има одиграно, додека Франција е без пораз на последните десет дуели против ривали од Европа.

Перу на дуелот со Австралија ќе биде без помошта на Фарфан, кој заработи повреда на главата на еден од последните тренинзи, па денешниот меч ќе го следи од клупата за резерви. „Кенгурите“ имаат проблеми со одбраната, па примија најмалку по еден гол на секој од последните 12 мундијалски натпревари. Селекторот Ван Марвијк по завршувањето на мундијалот си заминува од функцијата, а на негово место ќе пристигна Австралиецот Арнолд, кој веќе потпиша четиригодишен договор.

Се вчитува...