Македонските кошаркари попладнево го одржаа последниот тренинг во пресрет на утрешното патување во Швајцарија, за ставање печат на успешните претквалификации за Евробаскет 2021. Репрезентативците се задоволни од сработеното, но исто така и не летаат во облаци, свесни дека фаворитската улога ќе треба да ја оправдаат и на теренот.
„Пред се сум задоволен од подготовките во овој период. Почнавме нешто подоцна од предвиденото, но во овие десетина дена работевме навистина напорно и мислам дека стигнавме до нивото што го посакувавме. Не се залажуваме дека ќе ни биде лесно, Швајцарија е незгоден противник, првото полувреме во Скопје ни беше тешко и е доволно предупредување дека мораме да играме најдобро што знаеме. Не размислуваме за пораз до 15 разлика, одиме на победа како и на секој натпревар досега“ – изјави Стојан Ѓуроски.
Тој има пофални зборови за новиот Американец Шејн Витингтон, кој остави позитивен впечаток кај македонските кошаркари во изминатите десетина дена.
„Се запознавме со Шејн, да се адаптираме на него и тој на нас. Ги запозна нашите индивидуални квалитети, селекторот му кажа што се очекува од него и мислам дека со стилот на игра ќе ни одговара. Малку е побрз од Хендрикс и сигурно добро ќе им парира на центрите на Швајцарија кои исто така сакаат да излезат надвор од рекетот“ – вели Ѓуроски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА