Колумбија го покажа својот квалитет против Полска со триумфот од 3-0, но Радамел Фалкао, Хамес Родригез и дружината ќе треба да одиграат уште еден одличен меч и да го прескокне Сенегал во директната пресметка за да обезбедат пласман во осминафиналето на Светското првенство. За Колумбијците не постојат калкулации, само со победа ќе го трасираат патот кон нокаут фазата, со оглед дека во моментот имаат три бода на табелата, еден помалку од Јапонија и од директниот ривал Сенегал.
„Верувам во нашиот тим. Против Полска го покажавме квалитетот, иако претходно несреќно загубивме од Јапонија. Не очекува многу тежок меч против Сенегал, а ние знаеме дека мора да победиме за да се пласираме во осминафиналето“, вели Радамел Фалкао.
Сенегалците секако имаат свои сметки и за нив во игра е и реми за да останат на Мундијалот и во нокаут фазата.
Јапонија ќе ги одмери силите со Полска, која и нема веќе големи мотиви за настап на Светското првенство. Левандовски и соиграчите се веќе спакувани и по мечот ќе си заминат дома. Но, Јапонците се секогаш прецизни и многу внимателни. Им одговара и бод, но…
„Нема да играме на бод. Такво размислување би можело да ни се удри од глава. Ние сакаме победа, а Полска воопшто не е наивна селекција иако веќе нема шанси за пласман понатаму“, изјави Такеши Инуи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА