Бледа Македонија – Поразот од Швајцарија остава дамка на врвот на групата

ЕКИПА во Фрибург, Швајцарија

Стеван Цаневски

Македонската кошаркарска репрезентација со пораз го заврши настапот во претквалификацискиот циклус за Евробаскет 2021, губејќи со 85-79 на гостувањето против селекцијата на Швајцарија. Првичниот план е остварен, пласманот во следната рунда квалификации е обезбеден, но слабата игра на денешниот меч остава дамка на тој успех, но и јасна порака дека во следната квалификациска рунда ќе се мора многу, многу подобро.

Потпросечното деби на Американецот Шејн Витингтон, како и очајниот ефект од клупата (само два поени) се само дел од проблемите што селекторот Давитков треба час поскоро да ги реши, а премногу време нема бидејќи следните предизвици се веќе во септември.

Дуелот го почнавме со непотребно форсирање на удари од далечина, промашувајќи четири обиди за тројка за три минути. Првите поени ги постигнавме дури во 4. минута, преку Дамјан Стојановски (4-2). Кризата во нападот стануваше очигледна, престана да функционира и одбраната, па по едно промашено забивање на Витингтон и водство на Швајцарците од 13-6 селекторот Давитков беше принуден да побара тајмаут. Костоски постигна тројка, но проблемите продолжија, па на истекот од седмата минута резултатот гласеше 20-11.

Стајиќ влезе на местото на Костоски, а Ѓуроски го замени Бојан Трајковски, во одбраната заигравме поагресивно, но Стајиќ набрзина направи три лични грешки, а домаќините од линијата за слободни фрлања ја одржуваа предноста. Капитенот Војдан Стојановски изнуди во последната секунда, па првата четвртина заврши со 26-19, очајни десет минути на македонскиот национален тим во Фрибург.

Швајцарците го искористија слабиот шут на нашите кошаркари (1/6 за тројка), па вториот период го почнаа со зона, по што следеа нови три промашени тројки. Конечно врзавме шест поени во низа и намаливме на 28-25, но потоа домаќинот влезе во нова серија, стигнувајќи до 36-27. Швајцарците до 16. Минута веќе имаа погодено шест тројки (6/10), наспроти две на Македонија (2/11), па домаќините неслучајно имаа предност од 42-34.

Во финишот од полувремето Давитков се обиде и со зона, ниту тоа не функционираше премногу добро, но тргна нападот, па со тројките на Војдан Стојановски и на Костоски ја намаливме разликата на четири поени (46-42), за на полувреме да се замине со резултат 47-42. На почетокот од третата четвртина шутот од далечина престана да ги служи домаќините, а Македонија го искористи тоа и намали на 51-50, а потоа со тројката на Војдан Стојановски израмни на 53-53.

Се јавија и македонските навивачи во Фрибург, следеше украдена топка на Трајковски и асистенција за забивање на капитенот Стојановски, за прво водство на нашата репрезентација на натпреварот (53-55) и тајмаут на швајцарскиот селектор. По тајмаутот Швајцарците направија серија од 7-0 и повторно ја презедоа контролата над резултатот, за во последните десет минути да се влезе со резултат 66-64. Четвртата четвртина ја почнавме со комбиниран состав, па откако Швајцарците за две минути направија 5-0 и поведоа со 71-64, Давитков ги внесе во игра Трајковски, Војдан Стојановски и Костоски.

Негативата се истопи, во ритам влезе Дамјан Стојановски со шест поени во низа, па на половина од последната четвртина преку Трајковски израмнивме на 74-74. Швајцарците го диктираа резултатот до самиот крај, при 81-79 не реализиравме два напади преку Бојан Трајковски, па домаќините на крајот заслужено триумфираа со резултат 85-79.

Војдан Стојановски одигра одличен натпревар со 24 поени, Трајковски постигна 19 (шут од поле 9/22), Дамјан Стојановски постигна 13, Витингтон 11, а Костоски 10 поени. Од резервите меѓу стрелците се запиша само Крстевски со два поени.

Се вчитува...