Првата фаза од мундијалот е комплетирана, што е добра можност за анализа на сработеното. Без дилеми, елиминацијата на Германија е најголем шок во досегашниот дел од шампионатот, но на индивидуален план меѓу најголемите разочарувања се и фудбалери чии репрезентации ги продолжуваат настапите во Русија.
Томас Милер (Германија)
И додека Германците фрлаат со дрва и камења по Месут Озил, факт е дека летово во Русија потфрли нивното главно оружје – Томас Милер. Асот на Баерн Минхен имаше можност да атакува на рекордот на Клосе за најдобар мундијалски стрелец на сите времиња, но не само што не го стори тоа туку го одигра своето убедливо најслабо големо натпреварување во кариерата. Против Кореја дури и беше седнат на клупата за резерви од самиот старт, како заокружување на неговиот очаен настап на овој мундијал.
Анхел ди Марија (Аргентина)
Беда и очај – фудбалерот кој требаше да му биде соодветна поддршка на Лионел Меси игра катастрофално. На првиот дуел со Исланд беше очаен, па земенет во второто полувреме, против Хрватска воопшто не беше стартер, а на дуелот со Нигерија „гаучосите“ го постигнаа победничкиот гол дури откако тој беше повлечен од игра.
Причина за загриженост имаат и челниците на ПСЖ, по ваквиот мундијалски настап дефинитивно паѓа и вредноста на Ди Марија на пазарот, па истата сега не надминува ниту 40 милиони евра, ако до неодамна се говореше за суми од околу 60 милиони.
Роберт Левандовски (Полска)
Целата репрезентација на Полска одигра очајно во првите две кола, а во улогата на лидер воопшто не се снајде Роберт Левандовски. Лошата форма од финишот на бундеслигашката сезона и шпекулациите за иднината во Баерн дефинитивно влијаеја врз полскиот ас, кој беше непрепознатлив.
Тешко влегуваше во шанси, и оние во кои се најде не успеа да ги реализира, па својот настап на СП 2018 го завршува без ниту еден постигнат погодок.
Давид де Хеа (Шпанија)
За голман за чии услуги Манчестер јунајтед бара над 100 милиони евра Давид де Хеа не покажа буквално ништо. Три примени гола (еден од нив смешен) од исто толку обиди против Португалија, два примени погодоци од Мароко и само една единствена интервенција за 270 минути игра во групната фаза – премалку за голманот што важи за еден од најдобрите во светот.
Со оглед на неговиот очаен настап досега, селекторот Јеро со право размислува да го седне на клупата за неделниот дуел со Русија.
Габриел Хесус (Бразил)
Бразил го освои првото место во групата, но „кариоките“ се свесни дека за атак на златото неопходно е нападот да биде многу поефикасен. Габриел Хесус е изборот на селекторот Тите за „деветка“ на Бразилците на овој мундијал, но општ впечаток е дека асот на Манчестер сити е далеку под своите стандарди на шампионатот во Русија. Не станува збор само за фактот дека нема постигнато гол, туку и дека премногу тешко влегува во шанси, ниту пак отвора премногу простор за соиграчите.
Тите досега имаше апсолутна доверба во него, но доколку Хесус не се поправи во најскоро време, шанса од клупата да стане стартер чека Фирмино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА