Револт меѓу олимпијците: Евгениј Поп Ацев нема видено ниту денар од стипендиите на МОК

Се поотворен е револтот меѓу македонските олимпијци од односот и третманот од Македонскиот олимписки комитет и останатите државни институции кон спортистите за кои Македонија се надева дека ќе не претставуваат на ЛОИ 2020 во Токио. Се поинтензевирани се реакциите поради доцнењето, или воопшто неисплаќањето на стипендиите од веќе потпишаните договори со МОК.

По вчерашната реакција на тренерот на атлетичарот Дарио Ивановски, со своја реакција и најдобриот македонски пливач Евгениј Поп Ацев кој исто така е еден од стипендистите на МОК.

„Се нервира Дарио Ивановски, се нервира неговиот тренер Игор Јакимовски, се нервирам јас, се нервира Евгениј Поп Ацев и којзнае уште колку други заедно со нас…. Тоа што се случува со Македонскиот олимписки комитет, Пливачката федерација (претпоставувам е слична состојбата и во Атлетската федерација) и останатите државни институции, е навистина невидено. Тоа е невиден башибозук, каубојци кои дошле до позиција да ги полнат своите џебови на сметка на спортистите, а потоа се удираат во гради како помагаат. Тоа се вика мачкање очи на јавноста. Не само што не им помагаат, туку и им одмагаат. Се сликаа по весници, се појавија по телевизии како давале стипендии. Кој дава стипендии? Богоевски и Поповски од нивните џебови…? Не, стипендијата ја дава Интернационалниот олимписки комитет и парите се наменети за спортистите“ – коментира Дарко Поп Ацев, задолжен за застапување на Евгениј и неговите ангажмани, кој тврди дека Поп Ацев воопшто нема добиено ниту денар од МОК а дури не го добил ниту договорот кој законски му следи.

„Не знам за другите но Евгениј нема добиено денар. Ниту договорот што го потпишаа и што законски му следи не му го даваат… Се прашувам зошто? За Пливачката федерација нема ни да спомнувам какви се опструкции му прави. Постои некоја гнасна игра тука за која знам само малку детали и не сакам да шпекулирам, но можам да ги наведам сите факти па секој нормален човек ќе разбере што се случува“ – вели Дарко Поп Ацев.

На сето тоа со своја реакција и Евгениј Поп Ацев кој кратко коментира….

„Важно потпишавме, се сликавме и пуштавме извештаи за ИОК. Е сега може само да се сликаме, само тоа ни остана“ – вели Евгениј Поп Ацев.

Покрај Дарио Ивановски и Евгениј Поп Ацев кои треба да добиваат по 625 долари стипендија од МОК, стипендисти за ЛОИ 2020 во Токио се и таеквондистот Дејан Георгиевски (800 долари), Берат Јакупи (карате – 800 долари), Емил Павлов (карате – 800 долари), Лина Ѓорческа (тенис – 625 долари), Арбреша Реџепи (џудо – 625 долари), Нина Балабан (спортско стрелаштво – 625 долари), Наташа Стефановска (карате – 625 долари), Пуликсенија Јованоска (карате – 625 долари), Елмедин Сејфулау (борење – 625 долари), Магомедгаџи Нуров (борење – 625 долари).

 

 

 

Се вчитува...