Дрогба: Африканските тимови се враќаат дома, тоа е загрижувачко

Дидие Дрогба изрази загриженост за состојбите во африканскиот фудбал, бидејќи ниедна репрезентација од претставниците од овој континент, не успеа да ја помине групната фаза на СП во Русија.

Од петте тимови што настапија во Русија – Тунис, Мароко, Египет, Нигерија и Сенегал, само Сенегалците до последниот натпревар, имаа шанса да продолжат во најдобрите 16 на Мундијалот.

Но, тие бизарно загубија од Јапонија според правилот на ФИФА за фер-плеј, затоа што имаа повеќе жолт картони.

Испаѓањето на африканските тимови уште во првата фаза на СП, за Дрогба е сигнал дека нешто треба да се менува во стратегијата.

Африка ќе биде успешна еден ден, но ние мора уште еднаш добро да размислиме како да се приближиме до овие големи натпреварувања. Ова е голем чекор назад. Мислам дека ова е знак за сите африкански тимови и за Африканската фудбалска конфедерација да ја преиспитаат стратегијата и што треба да се направи за да тргнеме напред“ – истакнува Дидие Дрогба.

Потранешниот фудбалер на Челси и репрезентативец од Брегот на Слоновата Коска, посочува дека проблемот не е во потенцијалот, ниту пак во финансиите, туку во системот на работа.

Што треба да направиме на следното СП? Имаме потенцијал, имаме пари за развој, но очигледно ни треба нешто повеќе. Треба да ја имаме конзистентноста и структурата на европските и на јужноамериканските тимови“ – вели Дрогба.

Африканските репрезентации досега најдалеку на фудбалските мундијали, стигнале до четвртфинале.

Се вчитува...