Уругвај си обезбеди четвртфинална пресметка со Франција откако во осминафиналето славеше против Португалија со 2-1 (1-0) во мечот во кој од Мундијалот во Русија заминува уште една голема ѕвезда, Кристијано Роналдо. По Лионел Меси кој доживеа елиминација со Аргентина, ниту Кристијано Роналдо нема да види четвртфинале во Русија.
Единсон Кавани имаше вистинско шоу на мечот, но за жал само 75 минути. Офанзивецот на ПСЖ е најзаслужниот за големата победа на Уругвај. Два феноменални гола сервираше Кавани во триумфот од 2-1 против Португалците. Најпрво погоди уште во 7. минута за водство од 1-0, по асистенцијата од Суарез…
Во 55. минута Пепе успеа да израмни носејќи надеж за Португалија…
Но, со вториот свој гол во 62. минута, со прекрасен шут од 16 метри Кавани ги урна сите надежи на противникот за пласман меѓу осумте најдобри.
Сепак, и покрај пласманот во четвртфиналето не заврши се така среќно за Уругвај, поради повредата токму на Кавани кој мораше да ја напушти играта во 74. минута.
По деталните лекарски прегледи останува наредниве денови и дефинитивно да биде позната тежината на повредата, и дали Кавани ќе може да биде во комбинација за настап во четвртфиналето против Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА