Јувентус во мисија „Кристијано Роналдо“

Италијанскиот првак Јувентус тргнува по првата ѕвезда на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо. Неговиот агент Жорге Мендеш, како што открива „Тутоспорт“, имал прелиминарни разговори со раководството на „старата дама“ и ветил дека може да го реализира овој супер-трансфер. Целата зделка треба да чини околу 200 милиони евра, од кои 120 милиони ќе бидат уплатени на сметката на „кралскиот клуб“ како отштета.

Реал Мадрид пред неколку дена ја намали клаузулата за отштета во договорот на Роналдо, токму надевајќи се на можен трансфер. Новиот тренер Хулен Лопетеги сака да направи своевидна револуција и значително да го подмлади тимот на „кралевите“, а Португалецот е влезен во 34-та година од животот. Претседателот Флорентино Перез размислува за ангажман на Бразилецот Нејмар од Пари Сен Жермен, што секако е огромен потфат, но исто така во комбинација е и Ромелу Лукаку, напаѓачот на Манчестер јунајтед, кој е по вкусот на Лопетеги.

Јувентус сака да го продаде Гонзало Игуаин и да ослободи финансии за еден ваков супер-трансфер. Роналдо со Португалија синоќа доживеа елиминација од Мундијалот во Русија, но веднаш изјави дека во моментот не е расположен да зборува за својата иднина. А, не беше задоволен од односот на „кралскиот клуб“ кон него, по завршувањето на минатата сезона, во која Реал Мадрид стигна до 13.титула европски клупски првак.

Се вчитува...